Заедничката соработка, меѓусебната посветеност и поддршката во интензивниот развој на Армијата, но и соработката и сојузништвото во НАТО – Алијансата беа во фокусот на работната вечера на министерката Славјанка Петровска со помошничката на американскиот секретар за одбрана, Селесте Валандер, која се реализираше вчера попладне по американско време.
Министерката Петровска истакна дека стратешкиот дијалог закажан за денеска ќе биде уште еден чекор понапред во веќе интензивната и продуктивна соработка помеѓу САД и Северна Македонија на полето на одбраната.
„Стратешкиот дијалог е дополнителен ветер во грбот за нашата плодна одбранбена соработка. Посветеноста и поддршката на САД за Северна Македонија се докажува низ годините во кои ја градевме одбраната, а може да се види и денеска кога сме заедно дел од Алијансата, споделувајќи ги истите вредности“, рече министерката.
Петровска порача дека Северна Македонија со дела покажа дека има јасна визија и цел кога станува збор за развојот на Армијата – таа да биде модерна, високо обучена и опремена со најсовремената воена опрема, и дека таа посветеност е видлива и кај сојузниците, особено Соединетите Американски Држави, кои ја помагаат модернизацијата и со свои средства.
Петровска и Валандер разговараа и за новата безбедносна реалност во Европа, при што заеднички ја осудија руската агресија врз Украина, која, заклучија, наиде на обединето НАТО, кое повикува на крај на воените дејствија, враќање на мирот и сигурноста, но и НАТО кое е подготвено да ги брани овие вредности на територијата на сите земји – членки.
Валандер на работната вечера го истакна значењето на Северна Македонија во одржувањето на регионалниот мир и безбедноста, потенцирајќи ги одлуките кои овозможија прием на Северна Македонија во НАТО, како вистински одлуки во вистинско време.