Министерката за одбрана Славјанка Петровска рано утрово по американско време во Белата куќа имаше средба со Аманда Слот, Директор за Европа; Дејвид Фабрицки, Директор за НАТО и европски прашања и Адмир Музурович, Директор за Балкан и Централна Европа при Советот за национална безбедност.
На средбата стана збор за севкупната безбедносна состојба на европскиот континент, која бара единство, сојузништво и брза и ефикасна интеграција. Министерката Петровска порача дека токму процесот на европска интеграција стана безбедносно прашање од највисок приоритет при што ја поздрави силната американска поддршка за неодложен почеток на преговорите за членство на Северна Македонија со ЕУ.
„Прашањето на почетокот на пристапните преговори со Европската Унија, особено во денешната безбедносна реалност во Европа е прашање од највисок приоритет. Европа и НАТО мора да останат обединети во осудата на руската агресија врз Украина и мора да работат на уште посилна интеграција на земјите кои ги споделуваат истите вредности. Северна Македонија со фактот дека е целосно усогласена со Европската надворешна и безбедносна политика покажа дека е вистински партнер и дека својата иднина ја гледа во Унијата“, рече министерката.
Петровска подвлече дека позитивна одлука за почетокот на преговорите е потребна веднаш, зашто на тој начин ќе се зацврсти безбедноста на регионот како важен геополитички дел на Европа, ќе се оневозможи влијанието на трети земји во Западниот Балкан и ќе се зачува кредибилитетот на ЕУ.
Во таа насока, на средбата стана збор и за справувањето со хибридните закани, вклучувајќи ги и дезинформациите кои можат да имаат дестабилизирачки ефект во општествата во регионот.
Директорката Слот изрази силна и непоколеблива поддршка за европската интеграција на Северна Македонија, за која рече дека не треба да трпи понатамошно одлагање.