Владата на Република Северна Македонија на денешната 50-та седница, којашто се одржа преку видео конференциска врска, донесе измени и дополнувања на заклучокот од претходната седница во врска со Договорот за соработка за земјите од Западен Балкан на полето на взаемно признавање на дипломи и научни степени издадени од високообразовни институции и други овластени институции.
Согласно измените на заклучоците, потписник на овој договор, кој ќе биде потпишан на Самитот на Отворен Балкан 8 јуни во Охрид, ќе биде претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски, додека од страна на Република Србија договорот ќе го потпише претседателот Александар Вучиќ, а во име на Република Албанија, премиерот Еди Рама.
На денешната седница на Владата беше прифатен предлогот за продолжување на рокот на Одлуката за постоење на кризна состојба на дел од територијата на Република Северна Македонија, заради висок ризик од зголемен обем на влез и транзитирање на мигранти низ територијата на државата и заради заштита на јавното здравје од илегална миграција во услови на постоење на пандемија прогласена од Светската здравствена организација за вирусот SARS-CoV-2 и спречување од негово ширење, со кои се загрозува безбедноста, здравјето и имотот на населението, до 31 декември 2022 година.