Министерот Кралев се обрати на Осмата Болоњска министерска конференција
Министерот за образование и наука Панче Кралев, во рамки на вториот ден од посетата на Букурешт каде присуствува на Осмата Болоњска министерска конференција и третиот Болоњски форум, имаше обраќање на тема „Придонесот на реформите во високото образование за поголемо вработување на високо образованите кадри“.
Во обраќањето, како што соопшти Министерството за образование и наука, Кралев истакнал дека во Република Македонија на просторот на високото образование се нудат најразлични студиски програми, секоја со соодветно значење за општеството, но и различни перспективи за вработување, заработка, напредок во кариерата и можност за мобилност на пазарот на трудот во земјата и странство.
- Тенденциите при изборот на студиски програми во последните неколку години и податоците од Агенцијата за вработување на Република Македонија за побарувањата од различните занимања и вработливоста покажуваат дека постои висок степен на несразмерност, односно се уште постои изразена тенденција за избор на занимања за кои постои изразен слаб интерес од страна на пазарот на трудот. Поради овој факт исправени сме пред сериозен предизвик за превземање нужни реформи кои ќе допринесат кон подобрување кое ќе води кон стабилен развој на општеството темелено на знаење, истакнал министерот Кралев пред делегатите во Букурешт.
Тој ги презентирал реформите во високото образование кои Министерството за образование и наука ги презема во овој момент, а се однесуваат на воведувањето и воспоставувањето на Националната рамка на високообразовните квалификации како инструмент за воспоставување на квалификациите стекнати во Република Македонија. Со нив, според Кралев, се даваат основите за прегледноста, пристапот, проодноста, стекнувањето и квалитетот на квалификациите, понатаму воспоставувањето во рамки на високообразовните установи, центри за кариера кои на студентите им обезбедуваат услуги кои придонесуваат кон побрзото наоѓање работа и стекнување значајни способости и вештини. Тие вештини, рекол Кралев, ги прават конкурентни на пазарот на трудот како и активната соработка со бизнис заедницата и стопанските комори во Република Македонија како мост помеѓу универзитетите и компаниите.
Учеството на ЕХЕА, Осмата Болоњска Министерска конференција и третиот Болоњски форум, министерот Кралев го заврши со потпишување на Букурешкото коминике заедно со 47 министри и државни секретари од земјите членки на Европската област на високото образование. Со Букурешкото коминике се воспоставија главните цели во спроведувањето на Болонскиот процес за периодот 2012-2015 година.
Тие се однесуваат на потребата од континурано инвестирање во високото образование, обезбедување квалитетно високо образование достапно за секого, зголемување на вработливоста на студентите согласно потребите на пазарот на труд, зајакнување и унапредување на процесот на мобилност со цел подобро образование и унапредување на процесот на прибирање податоци за високото образование со цел креирање политики кои ќе водат кон развој на високото образование.