Ковачевски: Кредибилитетот на ЕУ е во прашање, ветувањето за отпочнување на преговорите ЕУ треба да го исполни без одлагање

Премиерот Димитар Ковачевски и канцеларот на Сојузна Република Германија, Олаф Шолц, ги предводеа делегациите на двете земји на билатералната средба којашто во рамките на официјалната посета на нашата земја на германскиот владин врв, денеска се одржа во Владата на Северна Македонија.

Претседателот на Владата на Северна Македонија Ковачевски во своето обраќање на билатералната средба на двете делегации истакна дека односите меѓу двете земји се исклучително позитивни, како на политички, така и на економски план и без ниту едно отворено прашање.

Како посебно значаен Ковачевски го нагласи континуитетот на поддршката на СР Германија во остварувањето на стратешката ориентација на Северна Македонија за членство во Европската Унија. Премиерот Ковачевски изрази благодарност за поддршката од страна на СР Германија која резултираше со членството во НАТО за Северна Македонија.

Во однос на економската соработка и трговската размена беше истакнат постојаниот нагорен тренд во изминатите 29 години од воспоставување на дипломатските односи меѓу двете земји, како резултат и на германските директни инвестиции во Северна Македонија со што СР Германија се вбројува меѓу шесте најголеми инвеститори во земјата.

Канцеларот Шолц и во оваа пригода го повтори силниот ангажман на СР Германија во поддршката за Северна Македонија за почеток на преговорите и изрази жалење што ветувањата на ЕУ досега не се исполнети. Канцеларот потенцираше дека е важно за кредибилитетот на ЕУ да се исполнат ветувањата што ѝ беа дадени на Република Северна Македонија.

Шолц дополни дека мора да се најде модус веднаш да се одржи првата меѓувладина конферецнија за официјално започнување на преговорите и истакна дека СР Германија ќе се заложи тоа да е чекорот што треба да биде преземен во јуни.

Канцеларот Шолц на билатералниот состанок на двете делегации најави ревитализација на Берлинскиот процес како поддршка за земјите од Западен Балкан да продолжат со реформите и да го забрзаат процесот на пристапните преговори за побрзо членство во ЕУ.

На средбата, покрај премиерот Ковачевски, учествуваа и првиот заменик на претседателот на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби, заменик на претседателот на Владата за европски прашања Бојан Маричиќ, заменик-претседателката за добро владеење Славица Грковска, министерот за надворешни работи Бујар Османи, министерката за одбрана Славјанка Петровска и министерот за информатичко општество и администрација Адмирим Алити.