Владата на Република Северна Македонија на денешната 52 седница донесе Одлука за посебни услови за трговијата на одделни стоки, со која се определува највисоката трговска маржа на основните прехранбени производи во трговијата на големо и на мало.
Со оваа одлука, која е донесена по претходна консултација со бизнис заедницата и во координација со надлежните институции и која започнува да се применува од утре, за леб бел-сечен на парчиња или цел, за шеќер бел како и за сончогледово масло за јадење, со исклучок на ладно цеденото, се утврдува трговска маржа во висина до 5% во трговијата на големо и до 5% во трговијата на мало.
За брашно од пченица – тип 400 и тип 500, за макарони и шпагети од тврда пченица, македонски бел ориз, за трајното кравјо млеко со масленост од 2,8%, 3,2% и 3,5% и за јајца од кокошка, за сите трговски друштва и трговци поединци кои учествуваат во трговскиот ланец се утврдува трговска маржа во висина до 10% во трговијата на големо и до 10% во трговијата на мало.
Според оваа одлука за овие производи нема да се пресметуваат оперативни трошоци и не се одобрува рабат и надоместоци кои трговецот на мало ги наплаќа од трговецот на големо за рекламирање и за изложување на стоките на рафтови во примарни и секундарни позиции.
Оваа одлука на Владата за замрзнување на маржата на одредени производи со цел ограничување на растот на цените, која има за цел да го заштити стандардот на граѓаните, е со важност до 30 септември 2022 година, со можност да продолжи до крајот на годината доколку условите на пазарот со цените тоа го бара.
На оваа своја седница Владата донесе решение за распуштање на Советот на Општина Тетово согласно исполнувањето на еден од условите во членот 75 од Законот за локална самоуправа, според кој општинските совети ќе бидат распуштени доколку не ја донесат завршната сметка и Буџетот до 31 март како што е предвидено со законската одредба.
За ова решение, согласно законот, Владата ќе го извести Собранието на Република Северна Македонија по што ќе следува спроведување на постапката за организирање вонредни избори за Советот на Општина Тетово согласно законските одредби.
На денешната седница Владата ја усвои Информацијата за давање на согласност за распишување на два јавни огласи за давање во закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост за површини над 3 хектари по пат на електронско јавно наддавање.
Со првиот оглас се дава во закуп земјоделско земјиште во сопственост на државата со вкупна површина од 3.240ха 73ар 65м2 во следните региони во Република Северна Македонија: Берово, Валандово, Виница, Гостивар, Гевгелија, Делчево, Демир Хисар, Кочани, Куманово, Кавадарци, Неготино, Струга, Струмица, Охрид, Прилеп, Пробиштип, Радовиш, Ресен, Тетово, Велес, Штип и Чаир.
Земјоделското земјиште во државна сопственост кое се дава во закуп со овој јавен оглас е со намена за:
Подигање на долгогодишни насади (лозја, овоштарници, хмељ) и оранжерии за период до 30 години,
Подигање на долгогодишни насади со лешник за период до 70 години,
Подигање на маслинарници за период до 50 години,
Одгледување на други земјоделски култури и за поставување на пчелни семејства за период до 15 години,
Ливади за период до 15 години,
За одгледување на брзо растечки дрвја на земјоделско земјиште кое се наоѓа на надморска висина над 700 метри, за периодот до 30 години,
Рибници до 20 години и
Спортско-рекреативни активности и рурален туризам до 30 години.
Со вториот јавен оглас за давање во закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост за површини над 3 хектари по пат на електронско јавно наддавање, се дава во закуп земјоделско земјиште во сопственост на државата со вкупна површина од 529ха 26ар 60м2 во следните региони во Република Северна Македонија: Берово, Виница, Гевгелија, Дебар, Делчево, Кочани, Неготино, Свети Николе, Радовиш и Штип.
Земјоделското земјиште во државна сопственост кое се дава во закуп со овој јавен оглас е со намена за одгледување на земјоделски култури за производство на сточна храна (житни, фуражни и индустриски култури) за период до 15 години.
На овие два огласи за закуп на земјоделско земјиште со површина од речиси 4.000 хектари, право на учество на јавниот оглас имаат домашни физички и правни лица и странски правни лица.
Владата на оваа 52 седница ја усвои Информацијата за Акцелераторот за одбранбени иновации за НАТО (Defence Innovation Accelerator for the North Atlantic - DIANA).
Воспоставувањето на Акцелераторот за одбранбени иновации за НАТО (DIANA) има за цел поддршка на земјите-членки во развојот на нови технологии со „двојна употреба“ односно на иновативни решенија примарно наменети за комерцијални пазари, но со потенцијална одбранбена и безбедносна примена. Со овој Акцелератор се предвидува опфаќање на разновидни иноватори и тоа академски институции но и актери од приватниот сектор, како што се Big Tech компании, start-up претпријатија, претприемачи и мали и средни претпријатија. Приоритет ќе имаат иновативни решенија од доменот на вештачка интелигенција, обработка на големи податоци (Big Data), квантна технологија, биотехнологија, нови материјали и вселена.
Акцелераторот за одбранбени иновации за НАТО (DIANA), како тело на НАТО, им помага на земјите-членки и на Алијансата да ги задоволат безбедносните и одбранбените потреби преку поттикнување, тестирање, потврдување и демонстрација на врвни технолошки решенија и ја зајакнува способноста на НАТО за поттикнување на технолошката соработка меѓу сојузниците, промоција на интероперабилноста и охрабрува развој на технолошки решенија за воените потреби на Алијансата.
На денешната седница Владата ја разгледа и усвои информацијата врз основа на која донесе Одлука за пристапување на Република Северна Македонија на Конвенцијата за елиминирање на насилството и вознемирувањето, на полето на трудот.
Со оваа Конвенција се воспоставува инклузивен, интегриран и родово-сензитивен пристап за превенција и искоренување на насилството и вознемирувањето во светот на работата, а земјите членки и потписнички имаат обврска да промовираат сеопфатно опкружување, со нулта толеранција за насилството и вознемирувањето на работното место, со цел да ги спречат таквите однесувања и практики.