Нуредини: Постигнување на амбициозните климатски цели усогласени со ЕУ политиките се можни со кооперативен и интегриран пристап

Во првата  панел дискусија од специјалната сесија насловена „Зелената агенда за Западниот Балкан: рамка за спроведување за одржлив и климатски неутрален регион“ што се одржа во рамките на второто издание на Преспа форумот за дијалог 2022 и на која домаќин беше министерот Нуредини, за своите ставови, предизвици и размислувања за можните решенија како и за трасираните правци за обезбедување на рeгионален зелен развој, дискутираа со специјалниот гостин Дејвид Моран, регионален амбасадор за климатски промени на Обединетото Кралство, Ана Новаковиќ-Ѓуровиќ, министерската за екологија, просторно планирање и урбанизам на Црна Гора, Алмира Џембула заменик министерката за туризам и животна средина на Албанија, Фестим Халили генерален директор на Фондот за иновации и технолошки развој од Северна Македонија, Игли Хасани ко-координатор на ОБСЕ за економски активности и активности во животната средина, како и Бојана Станојеваска-Печуровска, од Центарот за климатски промени до Северна Македонија.

Информирајќи за амбициозните климатски цели на Република Северна Македонија за постигнување на климатска неутралност до 2050 година и енергетските и климатски цели за 2030 година во согласност со рамката на Енергетската заедница и правото на ЕУ, зацртани во стратешките и плански политики  на државата, како и за подготвеноста за следење на европските политики и развивање на регионалната соработка, министерот Нуредини во поздравното обраќање истакна: „Зелената агенда и одржливоста не се само модени трендови и слогани што секој сака да ги вметне во својата тема, туку се прашања што бараат вистински фокус и сериозна работа. Во време на последователни кризи, климатските промени не ја намалија својата итност, туку напротив, бараат од нас интензивна работа на брза митигација и адаптација. Но никој не може да успее сам во оваа мисија, потребна е интензивна соработка и заедничко стратешко делување во правец на остварување на поставените климатски цели и обезбедување на одржлив и климатски неутрален регион, како дел од пошироката светска заедница“.

Покрај јасната потреба за големи транзиции во енергетскиот сектор што ќе вклучи значително намалување на употребата на фосилни горива, широко распространета електрификација, подобрена енергетска ефикасност и употреба на алтернативни горива, Нуредини укажа дека се потребни прилагодување и трансформирмација и  во  секторите земјоделство, шумарство и употребата на земјиштото со што може да обезбеди големи намалувања на емисиите на стакленички гасови и постигнување на јаглеродна  неутралност.  

Според Нуредини еден од најголемите климатски ризици во медитеранскиот регион што се очекува да продолжи и во иднина е и недостигот на вода и неговите импликации за клучните економски сектори и екосистем. Кооперативното и интегрираното управување со водните ресурси останува предизвик за регионалната соработка и е вистинскиот пристап  во безбедувањето на одржлив и напреден пристап за зачувување на дефицитарните ресурси, што ќе ги постави економиите во регионот на патеката на одржлив развој.