Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски, на маргините на Преспа форумот за дијалог во Охрид, денеска се сретна со претседателката на Република Косово Вјоса Османи-Садриу.
За време на разговорот беше истакнато дека Република Северна Македонија и Република Косово имаат традиционално позитивни и конструктивни билатерални односи и соработка со отворен дијалог на сите нивоа без отворени прашања.
Премиерот Ковачевски и претседателката на Косово Османи-Садриу ја истакнаа и економската соработка која што бележи раст секоја година и за која владите на двете земји посветија посебно внимание и на заедничките меѓувладини седници.
За Северна Македонија, беше речено на средбата, Косово е меѓу најважните трговски партнери, а интензивирањето на соработката особено во делот на инфраструктурата и поврзувањето придонесува за стабилноста и развојот на целиот регион.
На средбата премиерот Ковачевски истакна дека Северна Македонија ја поддржува визната либерализација за граѓаните на Косово.