Груевски:„Новиот бран“ е позитивен, промоција на мерките набргу
„Новиот бран“ носи нова енергија, нова свежина и капацитети. Се вклучуваат нови луѓе за задржување на темпото со кое посакуваме да се работи, особено на местата каде што гледаме дека заради замор или оддалеченост од граѓаните почнало да се намалува од она што било претходно, нагласи денеска премиерот Никола Груевски по отворањето на двете нови лаборатории на Факултетот за фармација во Скопје.
Според Груевски, „новиот бран“ има одличен одѕив кај граѓаните. Очигледно, подвлече, и тие почувствувале дека одредени лица дошле во фаза на презамореност и оти треба да има освежување.
- Има голем одѕив и заинтересираност на нови луѓе да се приклучат во „новиот бран“. Такви има и од партијата, но и луѓе кои не се членови на партијата. Мислам дека правиме добра работа независно од критиките на опозицијата која очигледно гледа оти се прави добра работа, почна да реагира и како многупати досега и за оваа работа во некое идно време ќе се потрудат да не копираат. Најпрво не критикуваат, а потоа ги прават истите работи, изјави Груевски.
Некои од луѓето што ќе бидат заменети, можно е, додаде, по извесен период повторно да бидат ангажирани. Во секој случај е важно да нема застој и периоди со позначајно паѓање на темпото кај одредени позиции кои не можат толку долго да го издржат сето тоа.
- Мислам дека оваа нова енергија ќе се почувствува и ќе биде од голема корист, но и ќе даде шанса на многу нови луѓе кои сега не се вклучени, да се вклучат на знајачни позиции во државата, потенцира претседателот на Владата на Република Македонија.
Мерките, информира, наскоро се планира да бидат објавени, моментно тим експерти работи на нивно дообликување.
- Тие ќе значат поддршка и помош за граѓаните, особено во ова тешко време. Дел од нив ќе бидат од самиот манифест за развој и реформи, а дел ќе бидат нови, но сите ќе бидат во функција на подобар квалитет на животот за граѓаните, изјави премиерот Груевски.