Генералниот секретар на Владата на Република Северна Македонија, Методија Димовски, денеска се сретна со заменикот-амбасадор на Кралството Холандија, Роберт Декер.
На средбата заменик-амбасадорот Декер ја изрази силната поддршка на Кралството Холандија за интензивните реформски и евроинтеграциски процеси на Република Северна Македонија, со акцент на реформите на јавната администрација, владеење на правото и за решавањето на билатералниот спор со Република Бугарија.
Генералниот секретар Методија Димовски ги подвлече значајните исчекори во реформите на јавната администрација и нејзина оптимизација согласно европските насоки и критериуми. Тој истакна дека еден од основните приоритети е и реорганизацијата на работењето на Генералниот Секретаријат во правец на подобра синхронизираност и ефикасност на функционирањето на Владата.
Димовски нагласи дека Република Северна Македонија во текот на изминатите седумнаесет години кандидатски статус во повеќе области ги имплементираше и постигна европските стандарди подвлекувајќи дека овој евроинтеграциски процес и покрај предизвиците, ја движи земјата напред и придонесува за зголемена сензибилизација на граѓаните за справување со корупцијата и кршењето на правото.
На средбата заеднички беше оценето како исклучително позитивна практиката на Генералниот секретаријат на Владата за поддршка и соработка со граѓанскиот сектор и за максимално користење на неговите ресурси во креирањето на политиките.