Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ на денешната прес-конференција со германскиот специјален пратеник, Мануел Сарацин, изјави дека Владата од почетокот на мандатот покажала особен интерес за надминување на отворените прашања со Бугарија.
Покажавме силна посветеност и водевме искрен и отворен дијалог, што очигледно беше добар сигнал за ЕУ. Во тој процес, воден исклучиво од интересот на државата и граѓаните, горд сум што изнајдовме компромисно решение со кое ги одбранивме нашите црвени линии и на достоинствен начин го направивме нашиот јазик и идентитет европски, рече Маричиќ.
Вицепремиерот за европски прашања објасни дека самиот францускиот предлог, кој се повикува на Договорот од Преспа - значи дека ние ќе почнеме преговори како Македонци кои зборуваат македонски јазик, додавајќи дека историјата им ја оставиле на историчарите и дека овие прашања не се дел од преговарачката рамка.
Нема никакви замки. Договорот за добрососедство со Бугарија се наоѓа во општиот дел од рамката, каде што се принципите за добрососедски односи, не во делот на патокази и Копенхашките критериуми. Неговата имплементацијата ќе се базира на добрата волја од двете страни кои треба да ги унапредуваат односите, паралелно со нашиот процес на европеизација. А на ова, како социјалдемократска Влада, сме целосно посветени од самиот почеток, истакна вицепремиерот Маричиќ.
Специјалниот пратеник за земјите од Западен Балкан, Сарацин, во своето обраќање на прес-конференцијата истакна дека во оваа историска ситуација доаѓа во Северна Македонија бидејќи има доверба во македонската политика, во луѓето и дека верува тие заедно ќе продолжиме на патот кон ЕУ.
Мене како пратеник а сега како специјален пратеник за овој регион, ми значи неговата иднината и можам да кажам знам дека ова е момент кој носи одредена надеж во себе и имам чувство дека вратата за да се напредува со процесот на ЕУ за Северна Македонија е сега толку широко отворена како што не беше долго време, рече Сарацин, додавајќи дека одлука да се помине низ таа врата е на нашата политика и на нашата земја, но дека посакува заедно да можеме да одиме по овој пат бидејќи се наоѓаме во едно време коешто покажува колку е важно заеднички да се решаваат проблемите и колку е важно заеднички да се организираме.