Попоски: Грција и целиот регион ќе имаат полза од македонското членство во НАТО
Членството на Република Македонија во НАТО ќе им донесе позитивни ефекти како на Република Грција така и на државите од регионот, пишува македонскиот министер за надворешни работи Никола Попоски во колумна објавена во весникот Хил, специјализирано политичко списание кое ги покрива активностите во американскиот Конгрес.
- Грчкото противење на македонското членство во НАТО произлегува од митот дека независна Република Македонија ќе претставува закана за грчкиот територијален интегритет. Напротив, македонското членство во НАТО ќе ги поврзе Македонија и Грција во нескршлив безбедносен сојуз и на Грција ќе и пружи дополнителна сигурност со тоа што сите свои копнени граници ќе ги дели со држави - членки на НАТО, пишува во колумната на министерот Попоски, објавена во пресрет на самитот на НАТО во Чикаго.
Министерот за надворешни работи потсетува дека Република Македонија ги исполнила критериумите за членство во НАТО, како што е посветеноста на човековите права, владеењето на правото, градење на демократски институции и одделување на сериозен процент од бруто домашниот производ за одбрана.
- Додека сите работиме да ги надминеме етничките, верските и националистичките поделби во нашиот регион кои доведоа до трагедии во минатото, членството на Република Македонија во НАТО и на другите балкански држави ќе им покаже дека долгиот пат кон исполнувањето на критериумите на алијансата на крајот се исплати. Но, доколку годините на подготовки и посветеност на Република Македонија не донесат плод, тогаш тешките реформи ќе станат уште потешки, а и нашите соседи, кои се поназад на нивниот пат кон НАТО, ќе извлечат свои заклучоци, се вели во текстот на министерот Никола Попоски.
Дополнително, во колумната се потсетува на пресудата на Меѓународниот суд на правдата во Хаг дека Грција нема право да го попречува македонското членство во НАТО. Министерот Попоски додава дека Македонија продолжува да разговара со Грција и да бара решение, кое ќе биде прифатливо и во согласност со основните демократски вредности. Во текстот се потсетува на напорите вложени од страна на САД за да се обезбеди траен мир и просперитет во балканскиот регион, но и на македонскиот придонес кон мировните мисии во Авганистан.
- Ние бевме една од првите држави кои се приклучија кон глобалната коалиција против тероризмот и испративме војници во Ирак и во Авганистан, каде сега сме петта држава со пропорционално најголем придонес кон мисијата. Македонските војници го чуваат седиштето на НАТО во Кабул, со тоа буквално чуваат една врата на НАТО а не можат да влезат низ друга, пишува министерот Попоски.
Поддршка за македонското членство во НАТО и добивање покана на самитот во Чикаго дојде од повеќе влијателни конгресмени во САД. Во исто време, од Стејт департментот најавија дека на самитот во Чикаго нема да се донесе одлука за проширување на алијансата.