Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ во Брисел на денешниот состанок за отворање на скринингот ја поздрави одлуката за почеток на преговорите за членство на Северна Македонија во ЕУ, изразувајќи задоволство од досега постигнатите резултати во евроинтеграцискиот процес.
„Конечно влегуваме во последната фаза од нашиот пат кон полноправно членство во ЕУ! Ова е момент кој го чекавме повеќе од две децении", истакна вицепремиерот Маричиќ, потсетувајќи дека Република Северна Македонија, од осамостојувањето во 1991 година, јасно и недвосмислено ја изрази својата стратешка определба за полноправно членство во НАТО и ЕУ.
„Во сите години поминати во чекалната по потпишувањето на Спогодбата за асоцијација и стабилизација и 17 години како земја-кандидатка, никогаш не отстапивме од зајакнувањето на нашите институции и административни капацитети, транспонирање на правото на ЕУ, во насока на градењето на позитивното досие за земјата, признаено од Комисијата", посочи Маричиќ.
Според него, чекорите што ги презедоа Северна Македонија и Албанија се цврста основа за подобро справување со предизвиците што ќе дојдат понатаму во процесот, кога земјите преминуваат во следната фаза од пристапните разговори.
„Патувањето што заеднички го започнуваме денес нема да биде лесно. Пристапниот процес бара целосен ангажман, но знаеме дека нема да бидеме сами на овој пат. Сметаме на поддршката од Комисијата и нејзините служби, како наши партнери кои ќе дадат насоки и совети во процесот", заклучи на состанокот вицепремиерот Маричиќ.