Годишнината од смртта на Гоце Делчев одбележана и пред неговиот споменик на скопскиот плоштад „Македонија“
На плоштадот „Македонија“ во Скопје владина делегација предводена од вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски и министрите за внатрешни работи и за труд и социјална политика Гордана Јанкулоска и Спиро Ристовски денеска положија цвеќе на споменикот на Гоце Делчев по повод 109 години од неговото загинување.
- Македонија денеска ја одбележува 109-годишнината од смртта на еден од најголемите македонски револуционери Гоце Делчев. Ова е еден од најголемите датуми, можеби не како настан, но како одбележување на човекот кој има направено многу за Македонија и мислам дека оваа пракса треба да продолжи и натаму, изјави Пешевски.
Вицепремиерот истакна дека Македонија има и други големи револуционери кои го дале својот живот за земјата и наша обврска е на сите генерации понатаму да го чествуваат нивното име и да им оддаваат почит за се она што го направиле во целиот процес на осамостојување и за сето она што денес македонскиот народ го живее во независна и суверена држава.
Цвеќе положија и пратеници, претставници на локалната власт, научно-образовните и културните установи, политички партии и граѓански здруженија.
Пратеникот од СДСМ Гордан Георгиев рече дека денешниот ден е многу значаен и важен за Република Македонија и генерациите што се вложија во градењето на државата.
- Животот, делото и смртта на Гоце Делчев е и треба да биде голем показател кај нас. Неговата беспрекорно чиста борба за независна и суверена Македонија е нешто од кое треба многу да научиме. Жал ми е што во дневните политички соочувања како граѓани и политичари понекогаш забораваме на големината што ни ја остави тој, револуционерите од Илинден и партизаните од НОБ, нагласи Георгиев.
На ваков ден, потенцираше, потребно е да се вратиме наназад и да се потсетиме дека цврсто газиме и да ја сакаме и градиме државата и понатаму.
Визионерот Делчев, кој пред повеќе од еден век го разбра светот како поле за културен натпревар на народите, беше убиен од турската војска на 4 мај 1903 година во селото Баница, на пат кон Сер.