Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска денеска ги посети децата-корисници на бесплатната услуга за одмор и рекреација на деца од семејства во социјален ризик, деца корисници на посебен додаток и други права за 2022 година во одморалиштето „Шула Мина“ во Крушево.
Министерството за труд и социјална политика оваа година обезбеди летување за 250 деца родени во периодот од 2008 до 2011 година кои се редовни ученици во основно училиште, од семејства во социјален ризик (детски додаток, образовен додаток и гарантирана минимална помош) како и деца корисници на посебен додаток до 26 години.
Во моментов во тек е летувањето на втората група на деца со околу 125 корисници.
Министерката истакна дека реализацијата на овој проект е овозможена со поддршка на Црвениот Крст кој што обезбеди волонтери кои се присутни за време на летувањето на планираните групи и се грижат за реализација на активностите во рамките на проектот како и за безбедноста и добросостојбата на корисниците.
Услугата опфаќа престој од 6 полни пансиони со три оброка во денот кој што се однесуваат и на придружникот кој што е присутен тука заедно со корисникот. Активностите кои што се дел од летувањето се од едукативен карактер.
„Ова претставува активен одмор за децата во кој се вклучени воспитно - образовни, спортско-рекреативни и културно-забавни активности. Социјализацијата на децата е една од најбитните компоненти за среќни детски мигови, токму ваквата иницијатива и нејзината реализација ќе придонесе кон исполнување на ваквата цел.
Министерството продолжува со унапредување на квалитетот на живот на децата и овозможување на еднакви можности каде што во фокус се децата од социјален ризик, “ рече Тренчевска.
Министерката информираше дека Министерството за труд и социјална политика во својата агенда го има и планот за зимување.
„Задоволството на детските лица уште еднаш покажа дека зголемувањето на обемот на социјални услуги директно влијае и го унапредува квалитетот на живот на нашите граѓани. Како министерка уште еднаш ги потврдувам нашите заложби за овозможување на еднакви можности на лицата со попреченост и лицата во социјален ризик,“ порача Тренчевска од Крушево.
Бесплатната услуга за одмор и рекреација се реализира по две години пауза поради пандемијата со КОВИД-19. За нејзина реализација од буџетот на министерството беа наменети два милиони денари.