Заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска денска учествуваше на завршниот настан на Проектот на УСАИД за граѓанско учество: „6 години Проект на УСАИД за граѓанско учество - Силни граѓани за отчетни институции“, на кој имаше воведно обраќање, но беше и дел од панел дискусијата поврзана со антикорупциските политики и транспарентноста.
Упатувајќи искрена благодарност за континуираната и цврста поддршка од страна на Проект на УСАИД за граѓанско учество, вицепремиерката Грковска ја истакна важноста на партнерскиот однос при зајакнување на демократските процеси во нашата држава, поврзани со доброто владеење, интегритетот, зголемување на транспарентноста и отвореноста на институциите, дигитализацијата.
„Јакнењето на интегритетот е составен дел на системот за добро владеење, кој треба да обезбеди ефикасни институции и брзи и квалитетни услуги за граѓаните. Во соработка со УСАИД организиравме обуки за Етичкиот кодекс за 127 функционери, кои беа именувани оваа година, како и тестови за интегритет. Проектот исто така даде огромен придонес во процес на обучување на обучувачи кои понатаму самостојно ќе бидат во можност да ги држат обуките за Етичкиот кодекс и за интегритет, што е во насока на политиката на Кабинетот да креира одржливи системски решенија“, нагласи Грковска.
На конференција, на која учествуваа и амбасадорката на САД во Република Северна Македонија, Кејт Мари Брнз, како и претставници од граѓанските организации и Државната комисија за борба против корупцијата, вицепремиерката Грковска потенцираше дека Владата на Република Северна Македонија посвети големо внимание на транспарентноста и отчетноста на институциите, кои се основен и клучен предуслов за одговорно и ефикасно управување и токму затоа оваа година е постигнато највисоко ниво на транспарентност.
„Владата од една затворена институција со само 25 поени во 2016 година, денес во 2022 година се искачи на првата позиција со активната транспарентност 100. Истражувањето покажа дека мерките даваат позитивни резултати, својата активна транспарентност годинава ја подобрија дури 81% од институциите“, изјави Грковска.
На панел дискусиите, коишто беа организирани во рамки на завршниот настан, панелистите дебатираа и за младинската вклученост и јакнење на дијалогот меѓу граѓаните и Владата за важните општествени прашања при креирање на јавните политики.