НУРЕДИНИ: МЖСПП ќе продолжи со проектите за подобрување на водната инфраструктура во државата

На денешната седница, Владата на Република Северна Македонија го усвои Предлог-Законот за задолжување на Република Северна Македонија за заем кај Европската инвестициона банка за Проектот за подобрување на водната инфраструктура на општините во државата, во висина од 50 милиони евра.

Оваа иницијатива на Министерството за животна средина и просторно планирање во соработка со Министерство за финансии претставува еден вид на продолжение на првата фаза од проектот „Водоснабдување и одведување на отпадни води“, кој во изминатиот период го имплементираше Министерството за транспорт и врски
.
Со оваа втора транша од кредитот од ЕИБ, ќе се продолжи со поддршката на општините за воспоставување на основната инфраструктура за обезбедување на чиста вода за сите жители во државата, а проектите ќе се имплементираат преку Министерството за животна средина и просторно планирање.

Средставата ќе бидат наменети за: рехабилитација, модернизација и проширување и изградба на инфраструктурата за водоснабдување, инфраструктура за собирање и третман на отпадни води, системи за атмосферска канализација и итни мерки за заштита од поплави, како и за набавка на специјализирана опрема за одржување.
Финансискиот договор е усогласен со ЕИБ и се очекува да биде склучен по усвојувањето на Законот од страна на Собранието.