Сето тоа што го сработевме во изминатиот период на централно ниво, но и во соработка со локалните самоуправи овозможи да имаме успешен почеток на учебната година. Започнуваме со нови наставни програми за прво, втор, четврто и петто одделение, како и нови учебници кои се веќе доставени во сите училишта. Започнуваме со 15% повисоки плати во основното и средното образование, со зголемен број образовни асистенти за учениците со попреченост. Реализиравме повеќе капитални инвестиции и сето тоа ја потврдува нашата заложба за градење на квалитетен и конкурентен образовен систем.
На првиот училишен ден од учебната 2022-2023 година, ова го истакна министерот за образование и наука Јетон Шаќири кој по отворањето на новото основно училиште во општина Илинден, ги посети и основните училишта „Наим Фрашери“ во Тетово и „Васил Главинов“ во Чаир.
„Особено убав почеток на учебната година имаат учениците кои влегуваат во сосема нови училишни објекти. Такви годинава се неколку. Се надевам дека во иднина ќе има уште повеќе на годишно ниво, затоа што постојано го зголемуваме и буџетот на МОН во делот наменет за капитални инвестиции“, рече Шаќири, додавајќи дека и училиштето во Мала Речица е една од инвестициите на министерството кои се неодамна реализирани во интерес на најмладите.
Честитајќи им учениците, родителите и старателите, на наставниците, професорите, стручните соработници и раководствата на училиштата за успешниот почеток на учебната година, посака многу здравје и континуитет на наставата во училница, за што, како што рече, треба сите заедно да се погрижиме, имајќи предвид дека пандемијата не е минато.
Учебната година ја започнуваат 255 илјади основци и средношколци. Во прво одделение запишани се 18 илјади ученици.