Битиќи: Преку НИПП порталот со само еден клик може да се пристапи до огромен број просторни податоци

Заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи денеска имаше видео обраќање на годишната „ GDi Solutions Day“ конференција.

Во продолжение ви го пренесуваме неговото обраќање во целост.

„Жалам што денеска не можам да сум заедно со вас на оваа конференција. Но, благодарение на новото време, можам да ви се обратам и вака. Тие меѓу вас што ме познаваат, знаат за пасијата, која ја делам заедно со вас, за дигитализација и дата, кои кога добро се искористуваат имаат голема вредност и носат кон развој.

Среќен сум дека „GDi Solutions Day 2022“ е веќе традиционален настан каде што се претставуваат и дискутираат технолошки платформи, решенија и начини на унапредување на деловните процеси. Собирајќи значајна бројка на институции од државен и приватен сектор, оваа конференција дава можност за размена на искуства, знаење и дефинирање на добри пракси од национален интерес и за тоа ви честитам и ви благодарам.

Дигитализацијата е иднината на светот, токму затоа, пред една година го промовиравме Национален геопортал на просторни податоци, истиот има за цел зголемување на транспарентноста на работата на јавниот сектор и достапноста до гео-просторните податоци до сите граѓани и стопанството. Со воспоставување на овој нов геопортал, со само еден клик, им овозможуваме на граѓаните, бизнисите како и на државните институции, да пристапат до мноштво гео-просторни податоци, со што значително се олеснува и забрзува секој процес.

Со еден клик на НИПП гео-порталот може да се дојде до бараната информација, може да се видат катастарските парцели, хидрографската мрежа, патната мрежа, начинот на искористување на земјиштето, зградите, географските имиња, висинскиот модел на теренот, ортофото картата, како и други податоци.

Полнењето на овој портал, како што претпоставувате, претставува предизвик и е комплексен процес но не и недостижен. На НИПП порталот веќе се наоѓа голема база на податоци, но истата мора да се дополни и постојано да се надградува, бидејќи од истите има бројни бенефити како:

-  подобрување на квалитетот на изворите на просторните податоци што ќе значи помалку конфликти помеѓу изворите на податоци во смисла на ажурност и комплетност;
-  унапредување на перформансите, подобрување на носењето одлуки, како и резултатите на работни процеси;
-  зголемена транспарентност, одговорност и авторитет во работењето на институциите;
-  повеќе деловни можности за иновации, креирање на новите услуги и апликации базирани врз основа на ИНСПИРЕ податоците, комплементарни со податоците од цела ЕУ.

И ова се дел од мноштвото позитивни резултати на овој модел и истите се веќе препознаени, на што укажува фактот дека веќе се отвораат нови видови на соработка користејќи го овој модел.

Зимајќи ја предвид важноста на просторните податоци во секојдневно работење на државните институции, во ера на дигитално или „смарт“ општество, мотивацијата и вредноста на инвестициите во овој домен честопати можеби и не се јасно потенцирани. Честопати, пазарната вредност на податоците не може да се препознае се до моментот на имплементација и користење на податоците. Но, верувам, дека сите присутни денеска јасно разбираат дека таа е голема!

Токму затоа сте денеска сите, на оваа конференција, јавен и приватен сектор да го продлабочувате знаењето за нивната вредност како и начините на нивно поефикасно собирање, вкрстување и презентирање, за да може да се искористи нивниот максимален потенцијал.

Ви благодарам на поканата. Ви посакувам успешна конференција.„