Грковска: Дигитализацијата е високо на агендата на Владата зашто е клучен процес за подобрување на јавните услуги и за развој на демократијата во едно општество

Дигитализацијата е клучен процес за подобрување на јавните услуги и за развој на демократијата во едно општество и во неа треба да бидат вклучени сите чинители. И токму затоа дигиталната трансформација на општеството е на високо место на агендата на Владата, порача заменичката на претседателот на Владата задолжена за креирање на политики за добро владеење Славица Грковска, на денешната дебата на тема „Дигитална демократија – патека кон поголемо учество на граѓаните“, организирана по повод Меѓународниот ден на демократијата од страна на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), во соработка со Кабинетот за политики за добро владеење.

На дебатата, на која учествуваше и Армен Григорјан, постојан претставник на УНДП, како и претставници од повеќе надлежни институции, бизнис секторот, граѓанскиот сектор и медиумите, вицепремиерката Грковска нагласи дека паралелно со процесот на дигитална трансформација на општеството треба да се работи и на сајбер безбедноста и на тоа не треба да се гледа како на трошок во државата, туку како на инвестиција.

„Имаме обврска да градиме доверба кон граѓаните, обврска да им овозможиме полесен пристап и услуги, да им овозможиме гласност и да стекнат доверба дека таквиот начин на комуникација е безбеден. Затоа сабјер безбедноста е исто така е еден од врвните приоритети. Тоа се процеси кои мора да одат паралелно. Не може да зборуваме за дигитална трансформација на општеството, ако истовремено не водиме сметка за сајбер безбедноста која во вакви геополитички околности би требало можеби да биде приоритет број еден“, рече Грковска.

На дебатата дел од учесниците ги отворија прашањата и за тоа како да се зголеми дигиталната писменост кај граѓаните кои треба да ги користат дигиталните алатки, како да се надмине дигиталниот јаз меѓу генерациите, како и улогата на граѓанскиот сектор во сите процеси на зголемено учество и користење на дигиталните алатки.

Учесниците споделија и искуствата од досегашното практицирање на дигиталната демократија, како и предизвиците кои претстојат на ова поле во наредниот период.