Принципите на добро владеење се важни не само за процесот на пристапување во Унијата, туку пред сé за создавање на праведно, демократско и просперитетно општество. Тоа е клучно за постигнување на економски раст, конкурентност, подобар квалитет на живот за граѓаните и поповолна средина за бизнисите. За да го постигнеме тоа и за да се изгради довербата во институциите, јавната администрација треба да биде транспарентна, одговорна и ефективна, порача заменичката на претседателот на Владата задолжена за креирање на политики за добро владеење Славица Грковска, на денешната Министерска конференција на Западен Балкан за реформи во јавната администрација, која во Скопје ја организираа СИГМА/ОЕЦД и Регионалната школа за јавна администрација (РеСПА).
Во своето обраќање вицепремиерката Грковска истакна дека Владата на Република Северна Македонија има сериозен и одговорен пристап кон определбата да изгради отчетни и транспарентни институции и токму затоа нејзиниот кабинет почива на три столба, а тоа се: дигитална трансформација на општеството, транспарентни и ефикасни институции и креирање на антикорупциски политики.
„Доброто владеење, односно доброто управување подразбира и сеопфатни промени пред сé во начинот на размислување и начинот на функционирање. Јас ја користам секоја можност за да го нагласам ова. Посебно ми е важно тоа да допре до младите и често пати им кажувам - „Бидете промената што сакате да ја видите во светот“, истакна Грковска.
На конференцијата, на која присуствуваа и ресорни министри од земјите на Западен Балкан, претставници на Европската комисија, донаторската заедница, регионални и меѓународни организации, граѓански организации и експерти, учесниците имаа можност да разменуваат искуства и мислења за добрите практики за трансформација на јавната администрација, како и спроведување на реформите клучни за подобрување на квалитетот на животот на граѓаните.