На предлог на Министерството за економија, Владата на денешната седница донесе одлука да се продолжи рокот на траење на мерката за ограничување на маржата на основните прехранбени производи.
Според Одлуката оваа мерка ќе се применува до 31 декември 2022 година.
„Имајќи предвид дека со оваа Одлука се ограничува растот на цените преку утврдување на висината на трговската маржа која треба да влијаe на растот на цените на мало на основните прехранбени производи, а состојбата на пазарот укажува дека цените не се стабилизирани, се наметна потребата да се продолжи рокот за следните 3 месеци од оваа година односно до 31 декември 2022 година. На овој начин, евентуалниот раст на цените во трговијата на големо и трговијата мало ќе биде предизвикан од растот на увозните и берзанските цени, како и растот на производствените трошоци, напиша министерот Бектеши на својот Фејсбук профил.
Согласно одлуката висината на трговска маржа на трговските друштва и трговските поединци кои учествуваат во трговскиот ланец на леб бел, сечен на парчиња или цел, шеќер бел и сончогледово масло за јадење се утврдува во висина до 5% во трговијата на големо и до 5% во трговијата на мало.
Висината на трговска маржа на трговските друштва и трговските поединци кои учествуваат во трговскиот ланец на брашно од пченица – тип 400 и тип 500, макарони и шпагети од тврда пченица, македонски бел ориз и трајно кравјо млеко со масленост од 2,8%, 3,2% и 3,5% млечна маст и јајца се утврдува во висина до 10% во трговијата на големо и до 10% во трговијата на мало.