Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски, во дискусија со студентите на Колумбија Универзитетот говореше и за иницијативата „Отворен Балкан“ која ја оцени како органска иницијатива односно економски сојуз на Србија, Албанија и Република Северна Македонија, изграден врз европските принципи за слободно движење на стоки, капитал, услуги и луѓе.
„Ако излезете од Србија кон Унгарија тогаш немате гранични проверки до Скандинавија. Ако одите кон Хрватска запад, немате граници сѐ до Португалија. Ако одите на југ на секои 100 километри имате граница, и тоа создава потешкотии за луѓето, за економиите, за транспортерите за логистиката. Овие граници создаваат само корупција и ништо друго и затоа се залагам за Балкан без граници“, посочи Премиерот.
Во оваа прилика тој потсети на неговата изјава во Солун, во рамки на иницијативата „Отворен Балкан“ кога ги покани не само Косово, туку и Италија, Грција и Турција во оваа иницијатива.
„Секогаш го канам Косово, затоа што научив дека конфликтот не е начин и дека за отворениот предизвик меѓу Србија и Косово мора да биде изнајдено дипломатско решение. Во овој контекст многу често на ум ми е една мудрост - дека семејство коешто вечера заедно, останува заедно. Затоа мора да седиме на истата маса со нашите соседи. Ако не седиме на истата маса, не комуницираме, ако не комуницираме не можеме да ги решиме проблемите“, истакна Ковачевски.