На 26.09.2022 година во Владата на РСМ се одржа првата-конститутивна седница на Националниот совет за медијација на која се конституираше Советот во следниот состав: д-р Јелисавета Георгиева Јовевска-Национален координатор за медијација, Љупчо Сотироски-член, Ивана Талевска-Трендафилова-член, Зоран Петковиќ-Бакли-член, Миљазим Мустафа-член и Васко Неловски-секретар. На конститутивната седница на Национелниот совет за медијација беа договорени активностите и законските чекори кои треба да бидат реализирани наредниот период, а кои првенствено се однесуваат на донесување на Деловникот за работа на Советот, како и на правилниците и другите акти пропишани согласно Законот за медијација.
Преку поддршката на Владата со формирањето на Националниот совет за медијација како тело за обезбедување, следење и оценување на квалитетот на работите во медијацијата, Советот ќе биде насочен на работи во рамките на делокругот на своите надлежности како што се и активностите за поголема промоција и достапност на медијацијата кај сите заинтересирани страни.
Националниот совет за медијација е тело на Владата на Република Северна Македонија кое го обезбедува, следи и оценува квалитетот на работите во медијацијата и на медијаторите, во рамки на надлежностите определени со Законот за медијација (Сл.весник на РСМ, бр.294/21).
Согласно Законот за медијација, Националниот совет за медијација, врз основа на начелото на самостојност, стручност и независност во својот делокруг на активности ќе извршува повеќе активности меѓу кои се: покренување на иницијативи за подобрување на законските решенија и давање мислења за предлози на закони од областа на медијацијата; покренување на иницијативи за пошироко запознавање на заинтересираните страни со правото за користење на медијацијата како начин на компромисно решавање на спорните односи; утврдување на исполнетоста на условите за издавање на лиценца за вршење на медијаторски работи; издавање или укинување на лиценците за медијатори, медијатори за специфични области и за обучувачи на медијатори; акредитирање на програми за обука на медијатори утврдени со законот врз основа на методологија; вршење на евалуација на квалитетот на работењето на медијаторите, обучувачите на медијатори, спроведувањето на акредитираните програми за обука на медијатори; соработка со домашни и меѓународни организации и тела за поголема промоција и примена на медијацијата и слично.