Денеска во Брисел се одржува објаснувачкиот скрининг состанок за Поглавјето 23 „Правосудство и фундаментални права“, со кој се заокружува објаснувачкиот скрининг за првиот Кластер, „Темели“.
Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања и главен преговарач со Европската Унија, Бојан Маричиќ, во своето воведно обраќање рече дека Поглавјето 23 ќе бара посебна посветеност во текот на целокупниот процес на преговори и многу работа на судските реформи, бидејќи од тоа ќе зависи брзината на отворање и затворање на поглавјата и кластерите и дека Владата е целосно посветена на судските реформи.
- Реформите на македонскиот судски системи и владеењето на правото, се клучни прашања во нашиот пристапен процес во ЕУ. Имаме политичка волја и посветеност за решавање на недостатоците во клучните области како што се судство, борбата против корупцијата и организираниот криминал и слободата на медиумите и ќе продолжиме со реализација на обврските до целосно модернизирање и европско функционирање на правосудниот систем, рече вицепремиерот Маричиќ.
Маричиќ потенцираше дека како поранешен министер за правда многу добро ја знае важноста на владеењето на правото, независносто и ефикасно судство, почитувањето на човековите права и борбата против корупцијата и дека овој објаснувачки состанок доаѓа во вистински момент, бидејќи ќе даде насока и можност правилно да се планираат реформите.
Во текот на излагањето главниот преговарач со Унијата, Маричиќ, ги сподели пред претставниците на Европската комисија неодамнешни достигнувања во ова поглавје, напоменувајќи дека периодот за имплементација на Стратегијата за реформа на правосудниот сектор 2017-2022 година е при крај, во тек е подготовка на нова се четиригодишна Стратегија.
-Правната рамка усвоена во 2019 и 2020 година, во која спаѓаат Законот за судови, Законот за Судски совет Закон за Советот на јавни обвинители и Законот за Јавно обвинителство, ги постави основите за обезбедување на судската независност и одговорност, правилата за назначувања врз основа на заслуги, имот и верификација на судир на интереси и дисциплински постапки, додаде Маричиќ.
Маричиќ се осврна и на достигнувањата во рамки на тековната дигитализација на судството и дигиталните услуги кои се достапни за граѓаните на националниот портал за е-услуга, како што се електронски потврди од кривичната евиденција за физички и правни лица, како и за интероперабилност за електронска размена на податоци меѓу 86 институции.
Во насока на постигнување поголема судска транспарентност, Маричиќ рече дека Судскиот совет го усвои Акциониот план за отворено судство 2021-2023 година и дека сите досегашни активности се насочени кон подобрување на електронскиот судски портал, подобрување на квалитетот и достапноста на податоците и информациите за работата на Судскиот совет и судовите, зајакнување на надзорната улога на Судскиот совет, како и како подобрување на електронскиот систем за основна и континуирана обука на судиите.
Маричиќ на денешниот објаснувачки скрининг состанок кажа дека Северна Македонија постигна напредок во консолидирањето на евиденцијата за истрага и гонење на случаи на корупција, вклучително и на високо ниво, и дека е зајакната институционалната рамка, особено капацитетите на Државната комисија за спречување на корупцијата.
Донесена е Националната стратегија за финансиски истраги и конфискација на имот за периодот 2021 - 2023 година. Стратегијата ги одразува препораките на Работната група за финансиска акција и одредбите од релевантните директиви на ЕУ, со крајна цел да се зголеми ефикасноста на борбата против перење пари и финансирање на тероризмот на национално ниво, истакна Маричиќ додавајќи дека правната рамка за заштита на основните права во голема мера е во согласност со европските стандарди. Маричиќ најави дека подобрувањата на системот за условна казна ќе бидат вклучени во тековната ревизија на Кривичниот законик и Законот за кривична постапка, а за борбата против дезинформациите, Маричиќ кажа дека Владата воведе „нулта толеранција“ за сите случаи на говор на омраза и дека ова останува да биде меѓу врвните приоритети на Владата.
Со денешниот состанок се завршува со објаснувачките состаноци за Кластерот 1 - „Темели“, а билатералниот скрининг за поглавјата и областите од овој Кластер ќе се одржат до крајот на оваа година, односно во ноември и декември.