Честитка од Груевски до Баросо по повод Денот на Европа

Почитуван Претседателе Баросо,

Дозволете ми да Ви го честитам 9 Мај, Денот на Европа, денот кој го симболизира европското обединување и стремежот за траен мир и просперитет на нашиот континент. Смелите идеи на татковците - основачи на Европската Унија ја трансформираа Европа и ги инспирираа нејзините народи да изградат еден заеднички простор на помирување, солидарност и соработка, притоа негувајќи ги своите посебности, традиции и културни вредности. Денес Европската Унија е симбол за демократија, владеење на правото, почитување на човековите права и економски слободи, кон кои се стремат сите земји од Балканот, вклучувајќи ја и Република Македонија.

Граѓаните на Република Македонија високо ја ценат поддршката која што Европската Комисија ја дава на нашата интеграција во ЕУ, вклучително и во поглед на интенцијата и заложбата на Комисијата за отворањето на пристапните преговори за членство. Неодамна почнатиот Пристапен дијалог на високо ниво со Комисијата внесува позитивна динамика во евроинтегративниот процес и убеден сум ќе резултира со конкретни постигнувања, придвижувања напред и резултати, пред се од полза за нашите граѓани, кои истовремено ќе ја зајакнат позицијата на Македонија во пристапниот процес и ќе дадат дополнителна вредност на аргументите дека преговорите со Македонија треба да почнат час поскоро.

Ве молам, Ваша Екселенцијо, примете ги изразите на моето највисоко почитување.

 

Никола ГРУЕВСКИ