Положено цвеќе пред споменикот на Ченто во спомен на Денот на победата над фашизмот
По повод одбележувањето на Денот на победата над фашизмот денеска цвеќе беше положено пред споменикот на Методија Андонов Ченто на плоштадот Македонија во Скопје, кој бил македонски национален борец, деец и политичар и прв претседател на Президиумот на АСНОМ. Поради неговата функција на претседател на Президиумот на АСНОМ, Ченто се смета и како прв претседател на Македонија.
Пред споменикот поставен на плоштадот на главниот град цвеќе положија членови на неговото семејство, државна делегација составена од министрите за надворешни работи, за внатрешни работи и за здравство, Никола Попоски, Гордана Јанкуловска и Никола Тодоров, делегација од Кабинетот на претседателот на Република Македонија, на министерството за одбрана и ГШ, на ВМРО-ДПМНЕ, како и словенечкиот амбасадор Алан Берган. На положувањето цвеќе присуствуваа и американскиот амбасадор Пол Волерс и други амбасадори и членови на дипломатскиот кор во Скопје.
Според, Антонио Милошоски, кој ја предводеше партиската делегација на ВМРО-ДПМНЕ, овој македонски великан го има дадено својот придонес за да го прославуваме денешниот Ден на Европа и денот на победата над фашизмот.
- Тоа се деновите кога победи европската слобода и европската демократија. Но тие слободи и демократии не се дадени и загарантирани еднаш засекогаш, туку треба да се одржуваат и сите треба да го дадеме нашиот придонес за нивно зачувување, изјави Милошоски.
Но, на денешниот ден на Европа, додаде тој, за жал имаме причини и да бидеме загрижени бидејќи во некои европски земји на денот на победата над фашизмот гледаме дека во некои европски парламенти влегуваат партии со профашистичка идеологија.
- Тоа треба да биде предупредување за секој вистински европеец дека работата, слободата, демократијата не се нешто што е дадено еднаш засекогаш туку мора да работиме упорно за европската слобода, изјави Милошоски.