Грковска-Ќехаја: Ефикасни антикорупциски политики, јакнење на интегритетот и транспарентноста се предизвици за сите земји од регионот

Заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, денеска имаше средба со новоименуваниот амбасадор на Косово во Северна Македонија, Флоријан Ќехаја, со кого разговараше за предизвиците со кои се соочуваат двете земји, како и за можностите за заедничка соработка.

Вицепремиерката Грковска му честиташе на амбасадорот Ќехаја за новата функција и му посака успешна и плодна работа.
 
Амбасадорот Ќехаја оцени дека навистина е предизвик да се раководи Кабинет кој е надлежен за политики за добро владеење, со оглед на тоа што станува збор за широк спектар на надлежности кои се во насока на изградба на ефикасен и функционален систем.
 
Заменичката на претседателот Грковска ја истакна посветеноста на процесите на дигитализација, колку е таа важна за олеснување на животот на граѓаните. Таа ја образложи работата на Националниот совет за дигитална трансформација на општеството, вклученоста на сите институции  кои работат на овие процеси и нагласи дека овој процес не е едноставен, има многу предизвици, но е клучен доколку сакаме да изградиме ефикасен систем.
 
Вицепремиерката Грковска истакна дека креирањето на ефикасни антикорупциски политики, како и процесот за јакнење на интегритетот и транспарентноста, се предизвик со кој се соочува целиот регион и затоа, соработката меѓу земјите во регионот во овој сегмент е многу значајна.

Двајцата соговорници ја потенцираа финансиската и енергетската криза како проблем со кој се соочуваат сите земји во регионот и ја нагласија потребата од меѓусебна соработка во процесот на нивно надминување.