„Денешниот ден е празник на наставниците и светот им оддава почит првенствено за тоа што донеле одлука да се занимаваат со најблагородната меѓу сите дејности, и да им помагаат на индивидуите во развојот и во остварувањето на личниот интелектуален потенцијал, а со тоа да овозможуваат светот не само нормално да функционира, туку да напредува и да се модернизира. Драги наставници, вие сте најважната алка во едукацијата на децата, затоа што непосредно го пренесувате знаењето кое младите треба да го стекнат, истакна министерот за образование и наука Јетон Шаќири, при денешната посета во ОУ „Киро Глигоров“ - Скопје.
Министерот Шаќири по повод Меѓународниот празник, на наставниците им упати честитки, додека на најдобри што изминатата учебна година се истакнале со својата работа им додели плакети.
„Честитки и почит изразувам и јас како министер за образование и наука од мое лично име, од името на Министерството за образование и наука и Владата, и на сите оние кои се дел од националниот воспитно – образовен систем. Им посакувам пред сé добро здравје и уште многу, многу успеси кои ќе ја одбележат нивната професионална кариера и ќе ги направат да бидат горделиви. Одбрани се како личности што особено се истакнале со својата работа во изминатата учебна година. И им честитам за тоа. Но, јас велам, признание заслужуваат сите наставници и за мене разликата е во мали нијанси. Секој од вас е вреден и има голема важност во воспитно – образовниот процес и затоа грижата од државата станува поголема и останува подеднаква кон сите вас кои работите во предучилишното, во основното, средното и во високото образование, изјави министерот.
Порача дека мотивираноста на кадарот во образовниот процес е една од приоритетите на МОН и Владата.
„Вие сте факторот од кој најмногу зависи квалитетот на генерациите кои се создаваат и затоа сме секогаш горди на вас, но и како институции на системот, одлучни да ви помагаме во работењето, да ја подигнеме вашата мотивација за работа и да го добиете и задржите местото во општеството кое навистина го заслужувате“, рече министерот Шаќири.
Истакна дека извесен период се спроведува план кој има за цел унапредување на квалитетот на образовниот систем во Северна Македонија и дека во него е опфатен и наставниот кадар, односно нивниот постојан раст на личните примања, континуирана обука и подобри услови за работа и настава.
Потсети дека заложбата и поддршката на Владата е особено видлива преку зголемувањето на платите на наставниците и инвестициите во изминатиот период.
„Чест ми е да потсетам дека актуелната Влада ги зголеми платите на просветните работници за над 36%, односно по 5% во 2018 и 2019 година, 10% во 2020 година и од септември месец годинава имаме зголемување за 15%, за што блок дотациите кон општините пораснаа за околу 480 милиони денари. Преку инвестирање во училишната инфраструктура и во опрема, се подобруваат и условите во кои наставниците работат и реализираат настава. Преку Бирото за развој на образованието пак, а често и со поддршка на домашни и меѓународни партнери, се организираат и обуки преку кои наставниците ги прошируваат своите знаења и вештини во разни области, што им користи во исполнување на мисијата на просветителството", подвлече министерот.
Изрази задоволство што наставниците изминатиот период покажаа проактивност и во креирањето на образовните политики.
„Нивниот глас е важен и секогаш внимателно ги слушаме, а сугестиите ги интегрираме во стратегиите кои треба да обезбедат поквалитетна настава и воопшто подобар и поконкурентен образовен систем. Се надевам дека таа соработка преку нивните здруженија, како Сојузот на просветните работници, преку репрезентативните синдикати и така натаму, ќе продолжи и во иднина, бидејќи имаме иста и заедничка цел – како да создадеме подобра иднина преку подобро подготвени ученички генерации кои ќе ги предводат промените што треба да се случат, Нека е честит Меѓународниот ден на наставниците!“, порача министерот Шаќири.
Свое обраќање со честитки до наставниците имаа и градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски и директорката на основното училиште, Билјана Билбиловска, а присуствуваа и членови на Сојузот на просветни работници.