Бектеши и Ковачевски: Струја и парно се обезбедени, започна грејната сезона

Министерот за економија Крешник Бектеши и директорот на АД ЕСМ Васко Ковачевски ја посетија Топланата Исток со што го означија стартот на грејната сезона. Вкупно за 611 илјади домаќинства е обезбедена електрична енергија од домашното производство на ЕСМ како и парно за 60 илјади потрошувачи во Скопје. Министерот Бектеши кажа дека АД ЕСМ со поддршка на Владата успеа во рок од еден месец да ги заврши сите подготовки за навремен почеток на грејната сезона. Според министерот сите домашни енергетски капацитети работат во полн ек, се со цел безбедно покривање на домашните потреби за електрична енергија во пресрет на грејната сезона која официјално започна денеска.

„Во текот на вчерашниот ден беа завршени сите подготовки од страна на АД ЕСМ за почетокот на грејната сезона и како што ветивме и како Влада од денеска скопјани имаат парно греење. Тоа ќе биде до крајот на грејната сезона и домаќинствата во континуитет ќе бидат снабдувани со топлинска енергија. Нема потреба од паника, сите институции се подготвени навремено да испорачуваат тоа што им е обврска. АД ЕСМ успеа во рок од еден месец да ги земе сите потребни лиценци и да ги направи подготовките за навремен почеток на грејната сезона“, кажа Бектеши.

Според министерот сите енергетски капацитети во државата се подготвени за почеток на грејната сезона, обезбедена е електрична енергија од домашните енергетски капацитети за целосно покривање на потребите за домаќинствата и малите потрошувачи.

Директорот на АД ЕСМ Васко Ковачевски кажа дека денеска официјално започна грејната сезона со топлинската енергија која ја испорачува АД ЕСМ преку двете топлани Исток и Запад.
„Топланите ќе работат во режим согласно мрежните правила во однос на температурите. Обезбеден е гас до крајот на месецот, додека за продолжението на грејната сезона енергенсот ќе зависи од исходот на разговорите околу концептот на работа на ТЕ ТО од каде се очекува значаен прилив на топлинска енергија. Ние сме подготвени за сите алтернативи во однос на енергенсот. АД ЕСМ во изминатите денови неколкупати апелираше до граѓаните на Скопје навремено да ги проверат и подготват своите инсталации за греење, да се обратат до  сервисните центри и на соодветните контакт броеви, и можам да кажам дека бројот на објекти со проблеми во дотокот на греење секојдневно се намалува, и се надевам дека брзо ќе биде сведен и на нула. Тоа е многу важно, затоа што ако и една зграда плус успееме да ја вратиме на системот за парно греење, тоа ќе значи дека таа зграда нема да се грее на струја, значи вршиме заштеда на електрична енергија“ кажа директорот Ковачевски.

Директорот кажа дека со намалувањето на температурите се очекува зголемена потрошувачка на електрична енергија од страна на потрошувачите, домаќинства, институции и други објекти, кои не се дел од системот на колективното парно греење.
 
„АД ЕСМ во моментов ја обезбедува целокупната потреба на домаќинствата и малите потрошувачи, односно регулираниот пазар на електрична енергија. 100 процентно ја испорачуваме таа енергија кон ЕВН Хоме, што значи дека домаќинствата и малите потрошувачи користат домашна струја. За следниот период кога се очекува пораст на конзумот, односно на потрошувачката, согласно планот за производство на АД ЕСМ, производните капацитети се подготвени за максимална работа, согласно расположливите ресурси. Во функција се сите капацитети, некои со максимална ангажираност, заклучно со септември, можам да кажам дека планираното производство е постигнато, па и натфрлено за неколку проценти. А мора да се знае дека планираното за годинава е за 25 проценти поголемо од ланското. Значи и тоа го постигнавме, па и го натфрливме.

Од утре почнуваат пуштачките операции за Блок 1, кој 20 дена беше во ремонт, и РЕК Битола ќе работи со два блока. Во меѓувреме ќе се направи проверка на капацитетот на ТЕЦ Неготино кој сега работи, со цел да се осигура неговата спремност за следните месеци. РЕК Осломеј работи, а ќе биде уште поподготвен за од 1 ноември.

За почетокот на ноември планиран ни е и Блок 3 во РЕК Битола. Акумулациите се на оптимално ниво, на просекот за овој период од годината, водата се штед и се со цел да имаме повеќе акумулирана енергија за зимските месеци“, кажа Ковачевски и упати апел до граѓаните да не трошат безпотребно електрична бидејќи секој заштеден киловат електрична енергија денес, ќе значи поголема безбедност и посигурно снабдување со струја за утре.