Министерот за правда Никола Тупанчески во своето обраќање по повод Европскиот ден на правдата и две години од одбележувањето на кампањата за подигање на свеста за бесплатна правна помош се осврна на активностите кои ги презема Министерството за правда за да им се овозможи на лицата кои живеат во сиромаштија да не им е ограничено уживањето и заштитата на нивните права, како резултат на непремостливи пречки во системскиот пристап до правдата.
Статистиките од годишниот извештај на Министерството за правда покажуваат дека во 2021 година за 299% е зголемен бројот на граѓани кои примиле примарна помош во Подрачните одделенија во споредба со 2019 година, додека за секундарна правна помош, одобрените барања за две години се зголемиле за 125%.
„Бесплатната правна помош е гаранција дека граѓаните кои се во тешка финансиска состојба ќе добијат правна помош од адвокат и фер судење. Оваа помош граѓаните може да ја добијат за имотно-правни спорови, должничко-доверителски односи, за прашања од пензиско и инвалидско осигурување, за застапување на жртви на семејно насилство, за остварување на социјална помош, за спорови со осигурителни компании и за други потреби. Законот предвидува давање на примарна и на секундарна помош, при што примарната ја даваат овластени здруженија, правни клиники, додека секундарната-адвокатите”, рече Тупанчески.
Задоцнетата правда е негирање на правдата! Затоа, потенцира Тупанчески, потребно е на сите да им овозможиме навремен и еднаков пристап до правда. По повод Европскиот ден на правдата, вратите на судовите ќе бидат отворени за сите, а граѓаните ќе имаат можност за директни средби и совети од адвокатите, нотарите, судиите со што ќе им се овозможи одблизу да бидат запознаени со нивните права.