Ковачевски: Нови инвестиции на МЕПСО за сигурен пренос на електрична енергија за граѓаните и за компаниите

Премиерот Димитар Ковачевски присуствуваше на настан по повод новата инвестиција на АД МЕПСО со која започнува процесот на дигитализација на преносната мрежа. Станува збор за најсовременото решение за телекомуникациска опрема и далечински мониторинг на трансформаторските станици во МЕПСО. Проектот е во вредноста од скоро 5 милиони евра и е клучен за стабилен и доверлив пренос на информации и податоци во електроенергетскиот систем на државата.

Премиерот Ковачевски истакна дека инвестициите во преносната мрежа се од голема важност за сигурен пренос на електрична енергија за граѓаните и за компаниите како и за реализација на големите проекти во секторот енергетика.

„Преку концептот на Стратешки инвестиции, обезбедени се над 1.000 MW во проекти за изградба на фотонапонски и ветерни централи и тоа со реномирани европски компании. Го поддржуваме Европскиот Зелен Договор за одржлива економија кој подразбира претворање на климатските и еколошки предизвици во можности и придобивки за државата и за граѓаните. На локацијата на поранешните наоѓалишта на јаглен во РЕК „Осломеј“ веќе работи фотонапонската електрана од 10 мегавати во сопственост на ЕСМ. Тоа е првата енергетска транзиција на електрана на јаглен во чиста енергија, во регионот. Во моментот пред започнување со градба се и фотонапонските централи по пат на Јавно приватно партнерство со ЕСМ во Осломеј, со инсталиран капацитет од 100 мегавати. Во текот на 2023 година очекувам да започне со градба и уште една 10 мегаватна соларна централа во Осломеј од страна на ЕСМ. Токму сончевите електрани ќе бидат двигатели на енергетската транзиција во Северна Македонија. Во текот на следниот месец, во Собранието треба да се достават неколку закони за стратешки инвестиции, тие што беа прогласени во текот на претходните години. И тоа за ветерниот парк „Вирови“, од страна на германската компанија „Ви-Пи-Ди“, најголемата фотонапонска централа во овој дел од Европа, „СТИПИОН“ со капацитет од околу 400 мегавати, од реномираната француска компанија „Акио“. Неодамна почна со работа новата 17 МW соларна електрана, инвестиција која оваа Влада ја обезбеди на компанијата од Словенија „Ген-И“. Станува збор за најголемата фотоволтаична електрана во земјата, лоцирана во Свети Николе.“, рече Ковачевски и додаде дека во мандатот на Владата имаме веќе инсталирано 27 мегавати фотоволтаични централи во државата повеќе, отколку за 11 години што беа инсталирани вкупно во државата.

Директорот на МЕПСО, Орхан Муртезани зборуваше за важноста на оваа инвестиција во услови на светска енергетска криза.

„Со цел да го унапредиме нашиот технолошки суверенитет во енергетиката, се одлучивме за оваа сериозна инвестиција чии технички специфики во иднина ќе бидат во полза на енергетскиот, но и за телекомуникацискиот систем во државата. Оваа опрема е темел за добивање на „real-time” податоци за SCADA системот. Со ова решение АД МЕПСО го започнува процесот на дигитализација на преносната мрежа. Со оваа најмодерна технологија ќе се постигне домаќинско и ефикасно искористување на оптичките влакна интегрирани во заштитните јажиња на далекуводите и ќе се обезбеди шифрирање и комплетна заштита на информацијата која ќе се транспортира (сајбер безбедносна платформа). На тој начин, со оваа опрема, ќе потенцирам уште еднаш, се обезбедува брз и точен пренос на податоци, непречена испорака на електрична енергија и се минимизира ризикот од прекин на пренос на податоци во случаи на хаварии и лоши временски услови.“, изјави Муртезани.

Анди Аранитаси претставникот на ЕБОР во земјата кои го поддржаа проектот на МЕПСО рече дека живееме во време на предизвици, а руската агресија врз Украина доведе до енергетска криза од невидени размери.

,,На овој начин се отворија прашањата за енергетската безбедност, високите цени на електричната енергијата и достапноста како основен приоритет. Но, во вакви турбулентни времиња не смееме да скршнеме од главната цел, а тоа е да се обезбеди одржливост на нашите економски модели. Постојат два начини за постигнување. Првиот е преку меѓусебно поврзување на енергетските пазари и формирање на еден заеднички регионален пазар, сличен на тој во ЕУ. ЕБОР ја финансираше интерконекцијата со Бугарија, а моментално сме финансиери на интерконекцијата со Албанија, којашто кога ќе биде завршена ќе ги поврзува Македонија, Албанија и Црна Гора со европските пазари преку Бугарија и Италија. Поврзаните пазари ќе донесат многу бенефити. Вториот, за којшто МЕПСО има директна поддршка е зајакнување на капацитетите на преносната мрежа за приклучување на повеќе обновливи извори на енергија и намалување на уделот на фосилните горива“, изјави Аранитаси.


Изјава на премиерот Ковачевски, по повод проектот за инсталација на телекомуникациска опрема и далечински мониторинг на трансформаторските станици

Ми претставува навистина големо задоволство кога присуствувам на настани каде компаниите се осовременуваат, се дигитализираат, ја зголемуваат конкурентноста, продуктивноста, како и безбедноста во работењето. 

Денес, имавме можност да го видиме најсовременото решение за телекомуникицско-електропреносливиот систем во државата. Ова во крајна линија значи дека ќе имаме сигурен пренос на електрична енергија, што во услови кога државата се соочува со енергетска криза е исклучително важно.

Целта е да се обезбедува брз и точен пренос на податоци, непречена испорака на електрична енергија, а ризикот од прекин на пренос на податоци во случаи на хаварии и лоши временски услови да се сведе на минимум.

Во мое име и во име на Владата би сакал да ја изразам мојата благодарност и поддршка за сите напори кои ги прави МЕПСО заедно со Европската банка за обнова и развој за модернизација и надоградување на сопствената мрежа со што го означуваме почетокот на дигитализацијата на преносната мрежа.

Во оваа прилика, сакам да напоменам дека Владата е силно фокусирана на инвестициите во енергетскиот сектор, кои ќе ја зголемат енергетската транзиција и независност. 

Во услови на најголемата светска енергетска криза преземаме мерки за ублажување на енормниот раст на цената на електричната енергија на светските берзи, како и на цената на храната. Паралелно преземаме мерки кои на среден и долг рок ќе ја зголемат енергетската независност.

Го зголемивме, домашно производството на електрична енергија и ги задоволуваме 100% потребите на сите домаќинства и малите потрошувачи. 

Воедно ја субвенционираме струјата за сите домаќинства и мали потрошувачи за 80%, обезбедувајќи за сите 5 пати поевтина од реалната пазарна цена на електричната енергија.

Ветив дека храна, струја и греење оваа зима мора да има за сите. Со новите владини одлуки кои ги објавивме во неделата, обезбедуваме поевтина струја и тоа, 80 евра по мегават/час за компаниите кои произведуваат основни прехранбени производи, со цел стабилизирање на цените на финалните производи. Веќе беше јавно соопштено од производителите дека со ваква одлука цените би требало да се намалат за најмалку 10%. 95 евра по мегават/час за основните и средни јавни училишта ќе биде висината на цената на електричната енергија, како и за јавните претпријатија за водоснабдување и одведување на отпадни води.

Инвестираме во енергетиката за да имаме резултати и на среден и долг рок. 

Донесовме нова Стратегија за развој на енергетика до 2040 година целосно базирана на Европскиот Зелен Договор, која што веќе се имплементира во државата.

Преку концептот на Стратешки инвестиции, разговараме и се преговара за над 1.000 MW, во проекти за изградба на фотонапонски и ветерни централи и тоа со реномирани европски компании. Го поддржуваме Европскиот Зелен Договор за одржлива економија, кој подразбира претворање на климатските и еколошки предизвици во можности и придобивки за државата и за граѓаните.

На локацијата на поранешните наоѓалишта на јаглен во РЕК „Осломеј“ веќе работи фотонапонската електрана од 10 мегавати во сопственост на ЕСМ која исто така беше поддржана од ЕБОР. Тоа е првата енергетска транзиција на електрана на јаглен во чиста енергија, во регионот. 

Во моментот пред започнување со градба се и фотонапонските централи по пат на Јавно приватно партнерство со ЕСМ во Осломеј, со инсталиран капацитет од 100 мегавати.

Во текот на 2023 година очекувам да започне со градба и уште една 10 мегаватна соларна централа во Осломеј од страна исто така на ЕСМ.

Токму сончевите електрани ќе бидат двигатели на енергетската транзиција во Северна Македонија. Во ЕСМ се финализираат и други проекти за изградба на фотонапонски централи во РЕК Битола, со капацитет помеѓу 200 и 300 мегавати.

Во текот на следниот месец, во Собранието треба да се достават неколку закони за стратешки инвестиции, тие што беа прогласени во текот на претходните години. И тоа за ветерниот парк „Вирови“, од страна на германската компанија „Ви-Пи-Ди“, најголемата фотонапонска централа во овој дел од Европа, „СТИПИОН“ со капацитет од околу 400 мегавати, од реномираната француска компанија „Акио“.

Неодамна почна со работа новата 17 МW соларна централа, инвестиција која оваа Влада ја обезбеди, од страна на компанијата од Словенија „Ген-И“. Станува збор за најголемата фотоволтаична електрана во земјата, лоцирана во Свети Николе.

Проектот на една од најголемите грчки компании Митилинеос е прогласен за стратешка инвестиција за изградба на когенеративна електрана за производство на топлина и електрична енергија во Скопје со инсталиран капацитет од 150 мегавати.
 Во наредните две години, треба се пуштат во употреба сите 130 мегавати на фотонапонски електрани, по пат на премиуми за кој се потпишани договори во изминатите две години.

Ги олеснивме процедурите за поставување на фотонапонски централи на крововите на домаќинствата и правните лица и овозможивме вишокот на енергија да биде откупен од универзалниот снабдувач. Во наредната година огромен број на вакви фотонапонски централи ќе бидат изградени во субјектите на домаќинствата и на компаниите во државата. Издадени се овластувања за изградба на 3 ветерни електрани со вкупен инсталиран капацитет од 11 мегавати на приватни инвеститори. Првиот ветерен парк „Богословец“, треба официјално да започне со работа веќе идната година. Таму веќе почнуваат да пристигаат ветерните турбини. 

И на крај, за најзначајниот проект „Чебрен“, историски проект, кој токму сега е во фаза за прв пат да има понуда од изведувач, односно од инвеститор после 13 неуспешни тендери. До крај на годината треба комисијата да ја разгледа комплетната документација и доколку инвеститорот ги исполнува условите пропишани со тендерот, да се потпише договор со кој што ќе започне конечно изградбата на овој голем енергетски капацитет. Објавивме дека во тек е евалуација на единствената понуда на грчкото државно електростопанство. Ова е проект проценет на 800 милиони евра кој ќе ја овозможи нашата енергетска транзиција и пред сé базна енергија во државата.

Овие инвестиции се влог во трајни добра, кои на среден и долг рок ќе придонесат за зголемување на нивото на енергетска независност.

На почетокот на 2023 година очекувам да ја започнеме изградбата на гасниот интерконектор со Грција со кој ќе се приклучиме на транс-јадранскиот гасовод и ќе добиваме гас од Азербејџан. Инвестираме заедно со нашите пријатели во Александруполи, терминалот за течен природен гас. Со ова комплетно ќе ги диверзифицираме изворите на природен гас и целосно ќе ја намалиме нашата зависност од еден извор на снабдување кој што го имавме до сега.

Развиваме државни проекти за изградба на фотонапонски, ветерни и хидроелектрани во државна сопственост со цел зајакнување на позицијата на државното електростопанство. Оваа Влада како ниедна до сега вложува во енергетиката и во проекти кои на среден и долг рок ќе носат само бенефит. Посветени сме на енергетската транзиција на земјата, затоа што знаеме дека тоа е иднината и за енергетска независност, но и за заштита на животната околина. И затоа само во мандатот на мојата Влада имаме веќе инсталирано 27 мегавати фотоволтаични централи во државата што е повеќе од она што беше направено вкупно за 11 години во текот на мандатот на претходната Влада. Им честитам на изведувачите и сите инволвирани во процесот кои во овие времиња на сериозни препреки ги запазија сите рокови и дури го завршија овој проект денес кој што го пуштаме во употреба во предвидениот рок.

Стабилен електроенергетски систем е приоритетна цел и пресудна за да имаме сигурност во снабдувањето со електрична енергија и нови инвестиции и во иднина. Уште еднаш честитки до сите, со среќа да се користи новата опрема и како што кажа директорот заедно со МЕПСО, со поддршка на Владата, со ЕБОР и други кредитори да ги реализираат и другите планирани инвестиции со цел градење на најсовремена електропреносна мрежа во државата.