Генералниот секретар на Владата на Република Северна Македонија Методија Димовски денеска се обрати по повод одбележувањето на Меѓународниот ден на ромскиот јазик, 5 ноември, пришто на припадниците на ромската заедница им го честиташе денот на нивниот мајчин јазик кој претставува значаен белег на нивниот културен идентитет и писменост.
Во оваа прилика Генералниот секретар Димовски потсети дека пред повеќе од 50 години е одржан на Првиот конгрес на Ромите, а пред повеќе од две децении Ромите се впишани во Уставот на Република Северна Македонија.
„Нашите заеднички заложби, пак, се впишани во новата Стратегија за инклузија на Ромите 2022-2030 година, како дел од политиките за изедначување на степенот на вклученост и интеграција на ромската заедница со сите етнички заедници“, истакна Димовски.
Генералниот секретар во оваа прилика истакна дека во нашето мултиетничко општество од исклучителна важност се меѓусебната почит, заедништвото и слободата секој народ да ја негува својата историја, култура и традиција на свој мајчин јазик и дека јазикот на еден народ е неговото културно обележје, печат на културниот и националниот идентитет и писменост.
„Учењето на мајчиниот јазик е една од најмоќните алатки во борбата против дискриминацијата на маргинализираните популации. Тој е столб на квалитетното образование и напредокот. Посветеноста на развојот на ромската заедница и инклузијата на Ромите во општеството недвосмислено ја покажува јасната определбата на Владата на Република Северна Македонија за креирање на заедница втемелена врз европски вредности“, подвлече Димовски.