Пуштен во употреба локалниот пат Таор - Ржаничино
Локалниот пат Таор-Ржаничино долг повеќе од три километри, а широк пет метри, кој ги поврзува општините Петровец и Зелениково, денеска беше пуштен во употреба.
На пуштањето во употреба присуствуваа премиерот Никола Груевски, директорот на Агенцијата за државни патишта Љупчо Георгиевски и градоначалниците на општините Петровец и Зелениково, Борче Митевски и Веле Груевски.
Премиерот Груевски истакна дека владината стратегија за долгорочен развој на државата предвидува борјни проекти за изградба, реконструкција и ревитализација на многу регионални локални патни правци кои се од секојдневно и суштинско значење за стопанството и за животот на граѓаните. Тој потсети дека изминатиот период во општините Петровец и Зелениково се реализирани повеќе инфраструктурни проекти како пуштањето во употреба на патниот правец Петровец - Огњанци - Ржаничино - Сушица, локалниот пат Станица - Зелениково - Пакошево - Ново Село, патот од Катланово до Бадар и патот кој води од центарот до излезот на општината Петровец.
За реализацијата на овој локален пат исткна Груевски во изминатиот период имаше голем број барања на граѓаните на советниците и на градоначалниците на двете општини.
- Владата не остана нема на тие барања затоа што знаевме дека патот е навистина потребен како за граѓаните, така и за стопанството. Знаевме дека граѓаните кружат по други патишта и непотребно поминуваат голем број километри. Знаевме за сето ова, изнајдовме средства, го почнавме проектот, го направивме патот и денеска го пуштаме во употреба, рече Груевски.
Премиерот најави дека проектите од ваков тип ќе продолжат и во иднина.
- Ќе продолжиме да работиме на изградба на патиштата и подобрувње на локалните патни правци кои се од секојдневно и суштинско значење за стопанството и за животот на граѓаните и не само за патиштата продолжуваме со инвестиции во земјоделството, образованието, здравството, спортот, културата и сите други области од значење за граѓаните додаде Груевски.
Директорот Георгиевски рече дека овој проект вреден околу 34 милиони и 600 илјади денари е дел од програмата за реконструкција на регионалните и локалните патишта, кој Владата во целост ќе ја реализира до крајот на 2013 година.
- Реализацијата на овој проект претставува добар пример за меѓуопштинска соработка, но истовремено претставува и добар показател за успешна соработка на локалната самоуправа со Владата, рече Георгиевски.
Тој рече дека досега се реконструирани 130 локални патишта, а годинава се планираат уште 120 локални патишта.
Градоначалникот Митевски потенцира дека пуштањето во употреба на овој регионален пат има огромно значење за граѓаните на двете општини како и за околните населени места.
- Овој пат е реализиран со заеднички напори на нашите две општини и со поддршка на советниците на двете општини. Овојпат значи многу бидејќи сега патувањето од Петровец до Зелениково е само десет минути, за разлика од порано кога се патуваше повеќе од 40 минути, рече Митевски.
Тој додаде дека овие две општини добиле еден грант од УНДП во висина од 20 илјади евра од кои заеднички ја изработиле стратегијата за локален економски развој на мини регионот Зелениково - Петровец.
Изградбата на овој пат како што рече е од големо значење за општина Петровец, бидејќи во негова непосредна близина имаме изработено урбанистички проект од 120 хектари лесна незагадувачка индустрија која со пуштањето на овој пат во употреба парцелите од овој урбанистички план стануваат многу поатрактивни.
Градоначалникот Груевски рече дека жителите на Зеленково преку овој патен правец ќе остваруваат подобра комуникација со град Скопје, со аеродромот Александар Велики и автопатот Е-75.
Жителите на општина Зелениково како што рече ако имаат потреба да отидат до аеродромот или до автопатот Е-75 треба да поминат само седум километри, а не како досега повеќе од 25 километри. Според него добрата патна инфраструктура поставена во соработка со Владата добрата електрична инфраструктура поставена во соработка со ЕВН Македонија се основните предуслови кои ги исполниле за урбанизирање на нивната општина.
Изведувач на работите е Гранит.