Вицепремиерот Ставрески ги објави кадровските промени во регионалните дирекции на УЈП поврзани со „Детонатор“
Дваесет и четири вработени во регионалните дирекции на Управата за јавни приходи во Штип, Битола и Тетово се суспендирани поради нивна директна или индиректна инволвираност во активностите поврзани со акцијата „Детонатор“.
Како што соопшти денеска вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески на заедничка прес-конференција со директорот на УЈП Горан Трајковски суспендирани се тројца управници на регионалните дирекции на УЈП во Штип, Битола и Тетово, четири координатори на даночните одделенија во Прилеп, Куманово, Охрид и Кичево, пет шефови на даночни шалтери во Крива Паланка, Делчево, Берово, Виница и Демир Хисар и 12 контролори во инспекција во Штип, Битола и Тетово.
- УЈП со овие кадровски промени, односно со суспендирањето на овие 24 лица покажува дека неселективно ќе се бори против сите појави на сива економија, криминал и прекршување на законите во Република Македонија и сите кои директно или индиректно се инволвирани во тоа ќе понесат одговорност, истакна министерот.
Министерот Ставрески и директорот на УЈП Горан Трајковски истакнаа дека Управата за јавни приходи имаше извонреден придонес во откривање на акцијата „Детонатор“.
Тие појаснија дека уште пред откривање на оваа акција УЈП во контроли отрки 277 нерегистрирани даночни обврзници од кои 63 се поврзани со организирање игри на среќа, од кои пак Управата дошла до сознанија кои дале квалитетни информации на МВР за да се случи „Детонатор“, односно,како што рече Трајковски, едно масовно сузбивање во доменот на нелегалното приредување на игрите на среќа.
Управата за јавни приходи и по откривање на „Детонатор“ извршила контроли кај уште 38 субјекти кои приредувале игри на среќи и кај кои, исто така, се констратирани дополнителни неправилности како непоседување лиценци или диво приредување и изречени се соодветни мерки.
- УЈП во последните две години активно ги контролира сите субјекти кои по основ на одредбите од Законот за игри на среќа и забавни игри, односно обложувалници, автомат клубови и казина приредуваат игри на среќа при што е утврден вкупен долг на овие субјекти по разен основ во износ 125 милиони денари, рече министерот и додаде дека по однос на овие контроли изречени се и прекршочни глоби за приредувачите во висина од 211.500 евра во денарска противвредност.
Ставрески и Трајковски повторија дека со ова ја докажуваат неселективна примена на законите. - Со ваквиот начин на контрола и барање одговорност од вработените во УЈП и понатаму ќе се продолжи, бидејќи УЈП со сето она што го постигна во изминатите години покажа и докажа дека прераснува во една модерна, ефикасна и високо организирана институција која е партнер на македонското стопанство и сите субјекти кои ги почитуваат законите. - Сите, додаде, кои не ги почитуваат законите и оние кои им помагаат и во иднина ќе бидат неселективно санкционирани.