Премиерот Груевски во политичко-економска посета на Кина
Претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски, заедно со владина економска делегација која ја сочинуваат г-дин Владимир Пешевски заменик на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, г-дин Веле Самак министер задолжен за привлекување странски инвестиции, и г-дин Висар Фида директор на Агенцијата за странски инвестиции и поттикнување на извозот, од денеска(недела, 13.05.2012 година) ќе престојува во политичко-економска посета на Народна Република Кина.
Во рамките на посетата претседателот на Владата, Никола Груевски, ќе оствари средба со премиерот на Народна Република Кина, г-дин Вен Џиабао, и ќе присуствува и ќе се обрати на бизнис форуми за привлекување на странски инвестиции и претставување на можностите за инвестирање во Македонија во Пекинг, Ченгду, Шангај и Хонг Конг.
Премиерот Груевски во понеделник (14.05.2012 година) ќе се обрати на Бизнис форумот, кој како и бизнис форумите во останатите градови, ќе биде организиран од Кинескиот совет за промоција на меѓународната трговија и соработка(CCPIT), предводен од претседателот Ван Џифеи. Во рамките на форумот ќе биде потпишан и меморандум за разбирање помеѓу Агенцијата за странски инвестиции и поттикнување на извозот и Кинескиот совет за промоција на меѓународната трговија и соработка.
Во вторник(15.05.2012 година), претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски ќе оствари средба со премиерот на Народна Република Кина, г-дин Вен Џиабао. Истиот ден, владината економска делегација предводена од заменик на претседателот на Владата Пешевски ќе присуствува на бизнис форум во градот Ченгду.
Премиерот Груевски, во среда(16.05.2012 година) ќе присуствува и ќе се обрати на бизнис форумот во градот Чингдао. Владината делегација, предводена од премиерот ќе има средби и со претставници на кинеската компанија за информатичка технологија Хајер.
Во четврток(17.05.2012 година) владината делегација, на чело со премиерот Груевски, ќе присуствува и ќе ги презентира можностите и поволностите за инвестиции во Македонија на бизнис форумот во Шангај, а ќе биде остварена посета и средба со менаџментот на компанијата Хуавеј, чиј делокруг на работа е информатичко-комуникациска технологија.
Посетата на Народна Република Кина владината делегација ја завршува со презентација на инвестициските можности на Република Македонија на бизнис форумот во Хонг Конг, во петок(18.05.2012 година). Во рамките на посетата на Хонг Конг, премиерот Груевски ќе оствари средба со г-дин Доналд Цанг, извршен шеф на Специјалниот административен регион на Хонг Конг.
Во рамките на економската турнеја за привлекување инвестиции, премиерот Груевски и владината делегација ќе остварат и повеќе поединечни средби со претставници на кинески компании од различни сектори.