Премиерот Димитар Ковачевски денеска на заедничка прес-конференција со лидерите од Западен Балкан ги повика инвеститорите од Норвешка да инвестираат во капацитети за обновливи извори на енергија во земјите од Западен Балкан кои располагаат со изобилство на сончеви денови, вода и ветер, но и се фокусирани на спроведување на плановите за трансформација на енергетскиот систем.
Во продолжение е изјавата на премиерот Ковачевски пренесена во целост:
„За организирање на настан којшто е за целиот регион, посебно во време кога врвна тема на сите состаноци и во регионот и во Европа и ширум светот е снабдувањето со енергија, недостатокот на енергија предизвикан од војната во Украина.
Денеска овде во Белград со лидерите од Западен Балкан имавме можност со инвеститори од Норвешка кои се заинтересирани за вложување во капитални инвестиции за производство на струја од обновливи извори на енергија да разговараме, но и да им ги презентираме нашите стратешки цели како и можностите во делот на обезбедување на електрична енергија од алтернативни извори.
Ова е одлична можност да се искористат ресурсите од зелена енергија со кои располагаме ние земјите на Балканот, но истовремено и одлична можност целиот регион да се развива како нова енергетска сила. Овој регион во изминатите 30 години беше предмет на поделби, на несогласувања. Меѓутоа во изминатиот период особено во изминатите 2 години, овој регион стана регион на соработка и регион на добрососедски односи. Секаде повторувам дека единствен начин да се преброди било која криза и да се изгради вклучително и енергетска независност и диверизфикација е можно единствено низ регионална соработка со оглед на големината и обемот на инвестиции кои што треба да се прават. Инвестиции кои поединечно ниту една држава не може сама да ги направи.
Затоа, ова е можност заеднички да ја искористиме глобалната енергетска криза за да ги претвориме нашите држави во центар на зелена енергија што ќе го снабдуваат со струја не само регионот, туку и пошироко.
Она што го кажав на панел дискусијата која заврши пред малку ќе го повторам и овде. Фокусот на нашата Влада во услови на најголемата светска криза е енергетиката и производството на храна. Овде ќе се осврнам на енергетиката, бидејќи тоа беше тема на денешниот настан. За ублажување на последиците од кризата преземаме мерки сега, но и планираме и на среден и долг рок за да обезбедиме енергетска независност на Република Северна Македонија и на целиот регион.
Затоа оваа можност, овој денешен состанок со бизнис заедницата од Норвешка го користам да ги повикам инвеститорите да инвестираат во Република Северна Македонија и во сите земји од Западен Балкан.
Владата на Република Северна Македонија како ниеднаш до сега вложува во енергетиката и во проекти кои на среден и долг рок ќе носат само бенефит. Посветени сме на енергетската транзиција на земјата, затоа што знаеме дека тоа е иднината и за енергетска независност, но и за заштита на животната средина.
И затоа само во мандатот на мојата Влада во изминатите 10 месеци имаме веќе инсталирано 27 мегавати фотонапонски централи во државата што е повеќе за 11 мегавати од она што беше направено вкупно за 11 години во мандатот на претходната Влада. Стабилен електроенергетски систем е приоритетна цел и пресудна за да имаме сигурност во снабдувањето со електрична енергија и нови инвестиции и во иднина, бидејќи без стабилен енергетски сектор не може да има развој на било кое друго индустриско производство.
Исто така сакам да порачам на странските инвеститори дека Северна Македонија успеа да го деблокира патот кон Европа, да влезе во НАТО и да создаде Отворен Балкан што ја става Северна Македонија во сосема поинаква позиција од онаа што беше само пред пет години.
Исто така, треба да се посочи и фактот дека Северна Македонија донесе нова Стратегија за развој на енергетика до 2040 година со која е целосно базирана на Европскиот Зелен Договор и оваа Стратегија веќе ја имплементираме кај нас.
Во моментот во фаза на преговарање се неколку Договори за стратешки инвестиции за инсталиран капацитет од еден гигават, во проекти за изградба на фотонапонски и ветерни централи, како и комбинирана гасна централа и тоа со реномирани големи европски компании, од Франција, Германија и Грција.
Енергетската транзиција ја започнавме со инвестиција во фотонапонската електрана од десет мегавати, сопственост на ЕСМ, која се изгради на поранешните наоѓалишта на јаглен во еден од нашите термо електрични капацитети и ова е прва во енергетската транзиција од електрана на јаглен, во чиста енергија во регионот, а дополнително објавен е јавен повик за изградба за уште една иста таква електрана, на истата локација и дополнително на истата локација се почнуваат подготовките на изградба на 100 мегаватна електрана од страна на 2 странски инвеститори врз основа на јавно приватно партнерство договорено.
Неодамна почна со работа најголемата фотонапонска централа во Северна Македонија со капацитет 17 МW изградена токму од страна на компанијата од Словенија, проект доделен врз основа на првите транспарентни постапки за премиум тарифи која е направена на негативна аукција и која е спроведена токму од оваа Влада.
Во наредните две години, треба се пуштат во употреба сите 130 мегавати на фотонапонски електрани, по пат на премиуми за кој се потпишани договори во изминатите две години.
И на крај, во Северна Македонија одамна се проектира еден историски проект, реверзибилна електрана „Чебрен“ за која што по 13 неуспешни тендери, за прв пат оваа година има понудувач и доколку сé биде според она што е пропишано во документацијата и барањата, конечно ќе имаме инвеститор кој конечно ќе може да ја започне изградбата на овој огромен проект. Тој ќе претставува не само придобивка за енергетскиот сектор на Северна Македонија за базна и енергија за балансирање, туку и за целиот регион особено за земјите од опкружувањето со кои имаме високо напонска мрежа за поврзување.
Ни претстои тешка зима на сите нас, на целиот регион и на цел Европски континент. Но убеден сум дека со солидарност и со соработката, почитта и со другарството кое го покажавме помеѓу нас, тука присутни, дека така најлесно ќе ја пребродиме оваа криза.
Од оваа иста говорница и јас и претседателот на Србија зборувавме за нашите напори да ги искористиме вишоците на гас кои ги има Србија, а со оглед на тоа што во Северна Македонија постои гасна централа со капацитет од 205 мегавати, да направиме договор во којшто гасот по подобра цена од онаа која беше во моментот на највисоките цени на светските берзи ќе биде донесен до Северна Македонија. Тука ќе биде произведена електрична енергија која потоа ќе биде поделена помеѓу Северна Македонија и Србија.
На тој начин нашата индустрија ќе добие електрична енергија по пониска цена од она што го добива од регионалните берзи, а Србија ќе може да ги надомести своите недостатоци на електрична енергија во јужниот дел на земјата.
Многу пати ме прашуваа и мене и претседателот Вучиќ дали имаме решение за тоа. Ние не прекинавме да разговараме и нашите тимови да работат на изнаоѓање на решение и мислам дека во моментов сме многу поблиску до решение од тоа што бевме на почетокот.“