Ковачевски: Патот Кичево - Охрид е приоритет, очекувам до крајот на идната година да завршат целосно градежните работи

Претседателот на Владата Димитар Ковачевски денеска направи увид на градежните работи на тунелот Кичево - Охрид заедно со првиот заменик-претседател на Владата Артан Груби, заменикот на претседателот на Владата за економски прашања Фатмир Битиќи, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и заменик-министерот Беким Реџепи и директорот на ЈП Државни патишта, Ејуп Рустеми.

Во продолжение ви ја пренесуваме во целост изјавата на премиерот Ковачевски. 

„Знам колку е важно за Кичево, Дебарца, Струга, Охрид, Вевчани, за околните населени места кои гравитираат во овој регион, но и за целата земја, што побрзо да се заврши автопатот Кичево - Охрид. Знам колку овој автопат е важен за нов економски и развоен импулс не само на западниот дел на Македонија туку и на целата држава и колку тој значи и за Кичево и за туристичките центри Охрид и Струга.
 
Ние како Влада ги решаваме наследените проблеми, патната инфраструктура за оваа Влада не е предизборно ветување, туку напротив тоа е инфраструктура која што ја поврзува државата внатре меѓутоа ја поврзува државата и со другите европски држави со кои што граничиме. Со тоа овозможуваме подобри услови за постојните инвестиции, привлекување на нови странски инвестиции, зголемување на економскиот развој, развој на туризмот особено во овој наш туристички дел од државата. А сето тоа еден од предусловите е безбеден и сигурни патишта за граѓаните и за сите други кои поминуваат низ нив.

Свесен сум дека работниците кои го градат овој автопат се соочија со многу предизвици во изминативе години, поради огромни пропусти во самиот проект. Беа потребни години за да се пробијат тунелите под превојот Пресека. Работниците се соочија со многу проблеми во утробата на планината што дополнително ја одолговлечи работата на терен, па плановите за работа мораше да се адаптираат според условите кои што ги налагаа самите услови на терен.  

И тоа беше само еден сегмент што требаше да се надмине, промашена траса, неусогласеност на проектната документација и состојбата на терен, дислокација на далекуводи, телефонски кабли, водоводни инсталации, индивидуални и стопански објекти, бидејќи беа на самата автопатска траса.
 
Но во оваа држава мора да се спроведат започнатите проекти и да се оди напред затоа што тоа е за доброто на граѓаните. Моето претходно искуство вели дека со добар план и добро менаџирање на процесите, нема недостижна цел. Сите знаеме колку ни е сето ова важно, од сите аспекти кои ги кажав.

Затоа и со Министерството за транспорт и врски, заедно со министерот, заедно со директорот на ЈПДП, г.Рустеми сум практично во секојдневна комуникација и инсистирам да се земе овој пат како највисок приоритет во државата.
 
Така денеска, како што и може да се забележи, се става асфалтна подлога во тунелот, се работи на електрична инсталација и хидрантска мрежа. Тунелите за да бидат приспособени за сообраќај треба да се изработи вентилационен систем, противпожарна заштита, видео надзор, систем за детекција на опасни гасови, сообраќајна сигнализација и команден центар. Овие два се најдолгите друмски тунели во земјава со вкупна должна од четири километри.
 
Десната автопатска лента од Требениште кон Охрид е завршена и пуштена за сообраќај под времен режим освен кај Подмоље каде се одвиваат градежните работи за колекторскиот систем.
Овој пат, мора и ќе добие на динамика затоа што инфраструктурата значи интензивирање не економските релации, и ние мора да вложуваме во патна инфраструктура ако сакаме развој на економијата.
 
Изминативе пет години, Владата предводена од СДСМ и сите коалициони партнери изгради патишта во должина од околу 1.300 километри, значи двојно повеќе од претходниот десет годишен период, кога биле направени само околу 650 километри.

И среќен сум што реализацијата на патната инфраструктура продолжи без разлика на тешката економска криза не само кај нас, туку и во цела Европа.
 
Се гради автопатот Скопје – Блаце во прва фаза, течат активности за изградба на автопатот Гостивар – Кичево, на автопатот Тетово – Гостивар, на автопатот Требениште – Струга - Ќафасан, на автопатот Прилеп – Битола. Последниве кои ги кажав се во фаза на избор на консултант кој треба да ги доврши сите договорни обврски со изведувачот и таму да се започне со конкретни работи на терен.
 
Досега ги изградивме експресните патишта Штип – Радовиш, завршена е првата фаза од патот Штип – Крупиште.

Во овој момент активно тече изградбата на експресните патишта Градско – Дреново, Дреново – Фариш, Крупиште – Кочани, Ранковце – Крива Паланка.

Активно се одвива реконструкцијата и на регионални патишта во должина од околу 130 километри. Завршени се градежните работи и на делницата Плетвар.
 
Оваа Влада е посветена и прави сѐ за европската иднина на земјата, за економски развој на Северна Македонија, подобра сообраќајна поврзаност и пред сè подобар квалитет на живот за сите граѓани без разлика во кој дел од земјата живеат.
 
За крај ќе посакам успешна работа и како и што реков, завршувањето на овој патен правец е приоритет и за Владата но и задача за Министерството за транспорт и врски и за ЈПДП. Очекувам до средината на идната година да се оспособи левата лента за сообраќај со околу 90% за да можат граѓаните да ја користат, а министерот за транспорт има задача секојдневно да се грижи, да биде фокусиран за да се исполни рокот до крајот на идната година да се завршат целосно градежните работи“.  

Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски рече дека за овој проект многумина сметаа дека ќе остане заглавен, оваа Влада ги отстрани сите недостатоци и проектот продолжи да се гради.

“Покажавме сериозност и еве денеска на терен потврдуваме прогрес на работите. Даваме силен фокус на изградбата на оваа автопатска делница. Автопатот мора да се изгради согласно договорот со изведувачот. Средствата ги имаме, нашите тимови ги следат потребите на изведувачот, единствено останува силна изградба на терен. Само во овој момент има преку 800 работници на траса и преку 390 машини кои активно работат на целата делница. Тунелот е еден од проблемите со кои се соочивме, но тоа е веќе минато. Денеска имаме финализирање на асфалтерските работи и ме радува тоа што градежните активности и на оваа позиција веќе завршуваат”, рече министерот Бочварски.

Директорот на ЈП државни патишта Ејуп Рустеми рече дека трасата на автопатот во градба Кичево - Охрид е комплициран предел, кадешто е и тунелот, поточно кадешто се пробиени две тунелски цевки во кои се изведуваат завршните асфалтерски работи. „Тој има две цевки, кои имаат коловоз со ширина од по 7,50м и четири попречни премини, од кои едниот е за возила, а останатите три се за пешаци. Вкупната должина на десната цевка на тунелот е 1994,5м, а на левата цевка 2015,5м, или вкупно 4010м. Овој тунел ќе биде најсовремениот тунел изграден по европски и светски стандарди”, рече директорот на ЈП државни патишта Рустеми.