Конференција за квалитетно образование на Ромите
Политиката што ја води Македонија во однос на подобрувањето на статусот на Ромите, особено во нивното вклучувањето во образовниот процес е успешна и веќе дава резултати. Зголемен е бројот деца кои посетуваат предучилишни установи, кои го продолжуваат основното и средно образование, но и на Роми кои се запишуваат на факултет, оценија владините претставници на прес-конференцијата што се одржа во рамки на регионалната конференција „Ран детски развој и квалитетно образование за Ромите“, во рамки на претседавањето на Република Македонија со Декадата на Ромите.
- Во однос на образованието на Ромите има голем напредок. Нашите позитивни искуства од областа на раниот детски развој можат да ги преземат и други земји во регионот и пошироко. Настојуваме вклучувањето во образовниот процес да почне уште од предушилишна возраст со посетување на градинките, а со тоа и изучувањето на македонскиот јазик, рече министерот без ресор Неждет Мустафа.
Според него, Македонија е единствена држава која има добри резултати во вклучувањето на Ромите во средното образование, кое, како што рече е постигнато со стипендирањето на децата од социјално загрозени семејства.
Министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски појасни дека со проектот за вклучување во претшколските уставнови во периодот од 2006 година досега се опфатени 1.650 деца Роми. За нас, додаде Ристовски, мотивирачки е фактот дека 84 проценти од нив го продолжуваат основното образование.
Министерот за труд и социјална политика вели дека напредокот во оваа сфера се должи и на проектите за условени парични трансфери за деца средношколци од социјално загрозени семејства, но и на стипендирањето на студенти Роми од страна на државата.
- Министерството за образование и наука во делот од Декадата издвојува 600 стипендии за студенти Роми кои одат на фукултет, а МТСП како претходница го реализира проектот за условени парични тарнсфери со кои им помагаат на семејствата во социјален ризик, доколку нивните деца редовно посетуваат средно образование, за што се издавојуваат 180 милиони денари годишно. Околу 10 проценти од корисниците на овие средства се Роми, што значи дека станува збор за околу 1.000 корисници, рече министерот Ристовски.
Заменик-министерот за образование и наука Сафет Незири се согласи со ставот дека е забележлово зголемувањето на деца Роми кои се вклучени во образовниот процес и најави дека со ваквата политика ќе се продолжи и во иднина.
-Постепено се намалува бројката деца кои не посетуваат средно образование. Затоа и натаму ќе се разботи основците Роми да се анимираат да се образуваат и во најмала рака да завршат средно образование бидејќи пазарот на труд тоа го бара. Исто така се бележи линеарна нагорна линија на завршени средношколци кои се запишуваат на факултети, рече Незри и додаде дека се очекува таа бројка во нареднава учебна година да биде уште поголем.
Учесници на конференцијата се претставници од владини институции и на ромски невладини организации од 12-те земји членки на Декадата, како и експерти во сферата на предучилишното образование и раниот детски развој од меѓународните организации и институти.
Организатори на конференцијата се министерствата за труд и социјална политика и за образование и наука и министерот без ресор и национален координатор на Стратегијата и Декадата на Ромите, Неждет Мустафа.