Заменичката на претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска денеска имаше работна посета на Државната комисија за спречување на корупција, каде се сретна со претседателката Билјана Ивановска и останатите членови на Комисијата.
На состанокот се разговараше за досегашната примена на Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, како и за предлозите за негова евентуална измена.
Вицепремиерката Грковска оцени дека досегашната примена на Законот за спречување и судир на интереси покажа дека станува збор за добро законско решение, иако како и секоја регулатива со нејзината примена покажува во која насока треба да се подобрува.
Сепак, таа додаде дека Законот за спречување на корупцијата и судир на интереси, кој е усвоен во 2019 година, нуди најтранспарентен начин на избор на членови на Комисијата и тој начин на избор треба да биде пример за избор на членови на другите институции.
Претседателката на ДКСК информираше за предмети кои Комисијата успешно ги завршиле, а кои се однесуваат на судир на интереси.
Соговорниците разговараа и за конкретни прашања кои се предмет на интерес на Кабинетот на вицепремиерката Грковска и на ДКСК, но и за можностите за продлабочување на заедничката соработка.