Премиерот Димитар Ковачевски во интервјуто за МИА рече дека се предвидени 800 милиони евра за капитални инвестиции. Премиерот Ковачевски подвлече дека реализацијата на капиталните расходи во последните две години, достигнува околу 80%, што во основа е помеѓу подобрите реализации на проекцијата за капиталните расходи во изминатите години.
„Но, исто така, значајно е дека и сумата како апсолутна бројка расте. Така, реализацијата се движи од 17 милијарди денари во 2016 година и достигнува 23,4 милијарди денари во 2021 година, а со ребалансот за 2022 година се предвидени 32,2 милијарди денари. Реализацијата на капиталните расходи во 2022 година е над 60%, а со оглед на практиката во последните месеци од годината реализацијата да забрза, истото го очекуваме и оваа година.
Буџетот за 2023 година е креиран согласно златното правило во јавните финансии, што значи дека расходите за капитални инвестиции се на повисоко ниво од дефицитот. Тоа ја покажува развојната компонента на Буџетот и нашата определба за забрзување на економскиот раст на среден рок. Во 2023 продолжуваме со инфраструктурни проекти кои ќе нѐ поврзат и внатре во земјата, и со регионот но и со Европа и ќе обезбедат побрз економски раст и развој генерално, но и подобри услови за развој на компаниите и бизнисот. Продолжуваме со изградба на Железничкиот Коридор 8, изградба на клучни автопатски делници, рехабилитација на локалните улици, изградба на социјални станови, продолжуваме со проектот за гасификација на државата. Комплетно е завршен гасоводот од влезот на интерконекторот од Бугарија до Битола", рече Ковачевски.
Премиерот Ковачевски додаде дека продолжуваат инвестициите и во земјоделството и енергетиката.
„Продолжуваме со капитални инвестиции во земјоделството со кои обезбедуваме пред сѐ зголемено домашно производство на храна, поддршка за земјоделците како и поддршка за модернизација на земјоделството. Преземаме конкретни чекори за да ги решиме суштинските прашања кои ќе ни овозможат да капитализираме од развојниот потенцијал во оваа област на среден и долгорочен план, носејќи им просперитет на нашите земјоделци.
Буџетот предвидува продолжување на имплементацијата на интензивниот инвестициски циклус во енергетскиот сектор кој треба да обезбеди зголемување на вкупниот енергетски потенцијал. Особено внимание се посветува на транзицијата кон обновливи извори на енергија како и на енергетската безбедност и енергетската ефикасност на земјата. Заштитата на животната средина е исто така приоритет со новиот буџет. Изградба на пречистителни станици, канализациони мрежи како и воспоставување на регионален систем за управување со отпад и затворање на депонии во источниот и североисточниот регион се дел од планираните инвестиции во овој сектор. Секако, тука се и инвестициите во здравството и образованието" ,рече Ковачевски.