„Ветив дека никој нема сам да се справува со кризата и го исполнив тоа ветување, тоа е мојата цел, тоа е целта на оваа Влада, тоа ни е обврска што ја имаме кон граѓаните - да обезбедиме сигурност, подобра иднина и животен стандард“, изјави претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски, во денешното интервју за Медиумската информативна агенција-МИА.
Премиерот Ковачевски рече дека Владата изминатиот период презема повеќе мерки со цел да се ублажат ценовните шокови, да се заштити стандардот на граѓаните и ликвидноста на компаниите.
„ Како што повеќе пати имам изјавено, ќе повторам и сега - никој нема да биде оставен сам да се справува во оваа најтешка економско-енергетска криза. Само во 2022, двата пакети антикризни мерки беа во вредност од над 760 милиони евра, најголем пакет поддршка во регионот. Антикризните мерки од последниот пакет веќе се реализираат. Деновиве преку Фондот за пензиско и инвалидско осигурување се исплати паричната помош за пензионерите со пензии пониски од 14.000 денари, тоа е првата исплата од четирите исплати како поддршка. Исто така исплатен е и надоместокот за телесно оштетување. Пензионерите кои земаат пензија не поголема од 11.525 денари месечно, добиваат 6.000 денари за период од четири месеци. Пензионерите со пензии од 11.526 денари до 14.000 денари месечно, добиваат помош од 3.000 денари за период од четири месеци. Со новиот пакет антикризни мерки обезбедивме 3.000 денари месечно, во наредните 4 месеци или вкупно 12.000 денари за скоро 42.0000 граѓани од најранливите категории“, рече премиерот Ковачевски.
Во интервјуто за МИА, премиерот Ковачевски потенцираше дека со ребалансот на Буџетот се продолжи мерката како што е повластената даночна стапка од 5% за прометот со електричната енергија кон домаќинствата, а исто така продолжи и програмата за енергетска сиромаштија со која парично и директно се помагаат 4.000 семејства и им се обезбедува да имаат намалени сметки за потрошената електрична енергија или огрев при што овие семејства добиваат до 200 евра помош во текот на годината.
„Компаниите ги ослободуваме од плаќање ДДВ при увоз на природен гас и електрична енергија, топлинска енергија или енергија за разладување. Кој што се дополнителни 26 милиони евра олеснување сé со цел да ја задржиме нивната ликвидност. Од април до сега ја субвенционираме пазарната цена на струјата и тоа со 80%, и да не беше ова субвенционирање, граѓаните би плаќале 5 пати поголеми сметки од тоа што плаќаат. Истото се однесува и на 72 илјади компании на регулираниот пазар кој вработуваат најголем дел од работниците во државата“, рече премиерот Ковачевски.
При тоа, премиерот посочи дека и новиот предлог Буџет за 2023 година, 250 милиони евра се планирани за антикризни мерки, обезбедени се и средства за сите надоместоци за ранливите категории граѓани, невработените, стечајците, гарантираната минимална помош, помош и нега на друго лице, поддршка на лицата со попреченост, за социјалните надоместоци и надоместоците за невработени, како и за активни мерки за вработување на млади лица, лица со попреченост.
„Продолжува усогласувањето на минималната плата со просечната и трошоците на живот, соодветно на системското утврденото решение, зголемување на платите во образование, и на пензиите по новата утврдена методологија кое зголемување треба да се случи првиот квартал идната година. За пензионерите за следната година се издвоени дополнителни 120 милиони евра повеќе од 2022 или вкупно 1.2 милијарди евра за пензиите кои што се зголемени“, потенцираше премиерот Ковачевски.