Премиерот Никола Груевски се сретна со првиот човек на Хонг Конг и ја посети Берзата

Во рамките на посетата на Хонг Конг-Народна Република Кина, претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски, денеска (петок, 18.05.2012 година) оствари средба со г-дин Доналд Цанг, шеф на извршното тело на специјалниот административен регион Хонг Конг.

Двајцата соговорници разменија мислења за можностите за интензивирање на контактите помеѓу Република Македонија и Хонг Конг-НР Кина, и воспоставување на економски односи.

На средбата стана збор за подготовка на договор со кој би се избегнало двојното оданочување, и договор за заштита на инвестициите, со што би се создале услови за динамични билатерални односи на полето на економијата и инвестициите.

Премиерот Груевски информираше за реформите и модернизацијата кои се спроведуваат во Република Македонија, и пред соговорникот ги претстави поволностите кои нашата земја ги нуди на потенцијалните инвеститори за отворање на бизниси во Македонија. 

Шефот на хонгконшкото извршно тело, Доналд Цанг, го запозна македонскиот премиер со потенцијалот на Хонг Конг за трговска размена и за инвестирање во различни области, пред се од областа на услугите и инвестициите.

Двајцата соговорници разговараа и за можностите за размена и обезбедување на стипендии за студенти, како и за користење на искуства за развој на бизнис климата и за спроведување на мерки и активности кои го подобруваат амбиентот за претприемништвото.

Владината делегација оствари и посета на Хонгконшката берза, која е петта по големина во светот, а по број на првообјавени емисии на акции на компании е на првото место, и каде од страна на претседавачот на одборот на берзата, г-дин Чоу Чунг Конг, беше запознаена со принципите на електронско унапредување на берзанското тргување.

Владината делегација се сретна и со секретарот за трговија и економски развој на Хонг Конг, г-дин Ендру Вонг.