Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска заедно со градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов и Директорката на државен санитарен и здравствен инспекторат, Рената Младеновска го отворија инклузивното игралиште во клон 3 од јавната детска установа „Детска Радост“ во Струмица. Со поддршката на Кинеската амбасада вакви инклузивни игралишта се изградени и во Крушево и Кривогаштани.
„Како Министерство се залагаме секое дете да добива соодветна грижа и услови за соодветен раст и развој, затоа се градат се повеќе градинки, се зголемуваат капацитетите со цел секое дете да има можност да биде дел од предучилишното воспитание и образование“ рече Министерката во своето излагање.
Таа посочи дека особено е запазена социјалната компонента во градинките и можноста на секое дете да биде вклучено во детската игра.
„Ме радува тоа што со овозможувањето на вакви игралишта придонесуваме кон тоа раскажувањето на децата за нивните денови во градинката да не бидат проследени со негативни чувства на неприфаќање, туку среќни детски спомени “ истакна Тренчевска.
При посетата на градинката од страна на Министерството за труд и социјална политика во соработка со Државниот санитарен и здравствен инспекторат беа доделени играчки за градинката.