Средба на министерот Попоски со Претседателот на Либералната Интернационала и член на Европскиот Парламент, Јоханес ван Баален

Денеска, во Скопје, министерот за надворешни работи, Никола Попоски оствари средба со Претседателот на Либералната Интернационала и европратеник од групата на Либералите и Демократите во Европскиот Парламент, Јоханас ван Баален.

На средбата, министерот Никола Попоски го запозна соговорникот со активностите на Република Македонија на планот на европската и евро-атлантската интеграција, и во тој контекст за Пристапниот дијалог на високо ниво со Европската Комисија и престојниот Самит на НАТО во Чикаго. Притоа, беше изразена благодарност за поддршката што на овој план ја дава Претседателот Ван Баален и Либералната Интернационала, како и Групата на Либералите и Демократите во Европскиот Парламент. Беше изразено очекување дека реформските резултати на Република Македонија и нејзиниот конструктивен став и контрибуција во заштитата на меѓународната безбедност ќе бидат уважени со донесување на одлука за почеток на преговорите со Европската унија и упатување на покана за членство во НАТО.

Претседателот Ван Баален ја потврди силната поддршка за евроинтегративниот процес на Македонија и заложбата да се стави крај на грчкото противење на членството на Македонија во НАТО и на почетокот на пристапните преговори со ЕУ, во согласност со пресудата на Меѓународниот суд на правдата. Пристапниот дијалог на високо ниво треба неодложно да прерасне во официјални преговори со Европската унија, истакна Ван Баален. Тој ја реафирмираше позицијата на Либералната Интернационала дека прашањето за името не треба да го блокира членството на Македонија во ЕУ и НАТО.

Посетата на Претседателот на Либералната Интернационала и член на Европскиот Парламент, Јоханес Ван Баален на Република Македонија е исто така и потврда за одличната соработка помеѓу Република Македонија и Европскиот Парламент, кој уште од 2007 година во континуитет повикува на неодложно започнување на пристапните преговори меѓу Република Македонија и Европската унија.