Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ, денеска оствари средба со еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, на која разговараа за задачите и обврските кои ги имаме да ги завршиме оваа година, поврзани со процесот на евроинтеграција.
Успешно и брзо да ги направиме реформите, било едно од барањата на еврокомесарот Вархеји и со политичкото обединување околу евроинтегративниот процес и успешните уставни измени, Северна Македонија да ја загарантира европската перспектива.
На средбата еврокомесарот Вархеји ја потврди поддршката која Северна Македонија ја има од европските партнери, која според Маричиќ треба да ја искористиме и да биде мотив да продолжиме со процесот на преговори подинамично и интензивно.
На средбата вицепремиерот и главен преговарач со ЕУ го брифираше еврокомесарот за текот на скринингот и подготовките за изработка на важните Патокази, како и за изработката на приоритетниот реформски план.
Имаме капацитет да го задржиме темпото на скрининг и да го искористиме овој дел од преговорите за да подготвиме темелен реформски план кој за кратко време ќе ги исполни очекувањата и на ЕУ и на македонските граѓани, рече вицепремиерот Маричиќ.
Маричиќ со еврокомесарот за проширување Вархеји зборуваше и за актуелните политички случувања и заедничкото справување со енергетската криза.
За односите со Бугарија беше констатирано дека разликите мора да се решаваат врз европските вредности, на европски начин, со меѓусебно почитување и во духот на добрососедските односи.