Годишна конференција „Година на нови можности“

Владата на Република Северна Македонија, организира дводневна годишна конференција „Година на нови можности“ на 30 и 31 јануари 2023 година.

Конференцијата со воведно обраќање ќе ја отвори претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, по што на засебни панел сесии, ќе се дискутира за најважните теми кои беа во фокус изминатите дванаесет месеци. Целта на годишната конференција е преку дискусија да се направи пресек на владините мерки и случувањата во 2022 година, со акцент на идните насоки и визија за новата 2023 година.

Обраќање ќе има и првиот вицепремиер, Артан Груби. Во рамки на конференцијата во двата дена е предвидено одржување на вкупно 8 панели на различни теми.

На првиот панел „ЕУ интеграции и реформски процеси“  ќе се дискутира за евроинтегративниот процес, скринингот, европските фондови, општествените реформи како и владеењето на правото и европските вредности.

На вториот Панел „Капитални и инфраструктурни проекти за подобар квалитет на живот и развој на културата во услови на криза“ ќе се разговара за Капитални инфраструктирни инвестиции, но и за достигнувањата и плановите, како и остварените и планирани капитални инвестиции во Образованието, Културата и Животната средина.

На третиот Панел „Инвестиции и економски раст во услови на криза”, ќе се дискутира за условите и можностите кои ќе обезбедат дополнителни странски и домашни директни инвестиции, ќе обезбедат нови работни места, повисок стандард, но и ќе поразговараме за тоа за генералните насоки за економски раст во услови на криза.

На четвртиот Панел „Социјални и здравствени политики во време на криза“,  ќе се разговара за ефектите од антикризните мерки, воведувањето на новите методологии за раст на минимална и просечна плата како и новата методологија за раст на пензиите, како и за здравствените политики во изминатава и следнава година.

Во текот на вториот ден од конференцијата ќе се одржат исто така четири панели.

Конференција  започнува со Панелот со наслов „Северна Македонија како зелен енергетски хаб – како да се претвори кризата во можност“ на кој ќе се дискутира за енергетските предизвици, енергетската трансформација на земјата и потенцијалите на зелената економија.

На вториот панел „Надворешна, безбедносна и одбранбена политика, предизвици и можности за обезбедување меѓународна соработка и сигурност“,  ќе се дискутира за важноста на нашето претседавање со ОБСЕ, придобивките од членството во НАТО, како и останати аспекти на надворешната, безбедносната и одбранбената политика на Северна Македонија.

На третиот Панел „Фискални, монетарни и даночни политики во време на криза“  ќе се разговара за предизвиците и можностите за спроведување фискални, монетарни и даночни политики кои ќе обезбедат стабилност, сигурност и можност за понатамошен економски развој.

На четвртиот, завршен панел со кој ќе се заокружи конференцијата е насловен „Рамномерен регионален и локален развој и придобивки од новиот систем за субвенции во земјоделство“. Ќе се дискутира за можностите за развој на земјоделието преку новиот систем за субвенционирање, како и за можностите за рамномерен регионален развој преку поддршката на локалната самоуправа, но и за улогата на дијаспората за развојот на локалната економија.

Плодните дискусии ќе обезбедат добри насоки за тоа како, оваа 2023 година да ја погледнеме како можност и да ги искористиме предизвиците за да обезбедиме стабилност, сигурност, подобар животен стандард, подобро владеење на правото, подобра инфраструктура, подобри услуги за граѓаните, економски напредок, социјална правда, владеење на демократија и подобар живот по европски стандарди.

ПРОГРАМА НА МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК

ПРОГРАМА НА АЛБАНСКИ ЈАЗИК

ПРОГРАМА НА АНГЛИСКИ ЈАЗИК