Заменичката на претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, денеска имаше средба со специјалниот пратеник на премиерот на Канада во Европската Унија и Европа и амбасадор на Канада во Франција и Монако, Стефан Дион. На средбата вицепремиерката Грковска се заблагодари за меѓусебната соработка, како и за поддршката што Канада ни ја даваше во процесот на зачленување во НАТО Алијансата, но и во однос на евроинтеграцискиот процес.
Вицепремиерката Грковска истакна дека Република Северна Македонија има обврска да ги спроведе реформите и таа домашна задача мора да ја завршиме, без разлика што ја имаме поддршката од меѓународната заедница.
Специјалниот пратеник, г-динот Дион изрази задоволство што надворешната политика на Северна Македонија кореспондира со политиката на НАТО членките, но и со позициите на Канада, особено во однос на воената агресија врз Украина.
Воедно вицепремиерката Грковска, го информираше г-динот Дион за надлежностите на Кабинетот за политики за добро владеење чија обврска е, како што рече таа, да ги детектира слабостите во системот и потоа да понуди соодветни решенија.
Таа нагласи дека унапредување на транспарентноста, отчетноста, одговорноста и ефикасноста на институциите, креирање антикорупциски политики, како и координација на процесот на дигитална трансформација се клучните приоритети на Кабинетот за политики за добро владеење.
Двајцата соговорници се согласија дека за Северна Македонија, но и за регионот е од клучно значење евроинтеграцискиот процес на Северна Македонија да се одвива непречено, со акцент на суштинските реформи.