Јанкулоска: Граѓаните не треба да живеат во страв, но да се свесни од реалните закани од тероризам
Македонските граѓани не треба да живеат во страв, но треба да бидат свесни дека заканите од тероризам се реалност во денешно време. Република Македонија активно учествува и придонесува секаде каде што се гради светскиот мир и не може да биде исклучена од глобалните закани со кои се соочува светот, изјави министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, одговарајќи на новинарско прашање дали има причина граѓаните да се плашат од тероризам и меѓуетнички инциденти.
Таа додаде дека за безбедноста на граѓаните МВР ги презема сите законски мерки кои му се во надлежност.
- Ги извршуваме секојдневно, ги правиме сите потребни анализи и превентивни дејства и, се разбира, она што најчесто доаѓа како завршна фаза - репресивното дејствување, односно приведување лица осомничени за сторени кривични дела, рече Јанкулоска.
Министерката не ја коментираше анкетата на „Дневник“ за висок процент на граѓани кои одговориле дека не се чувствуваат безбедно во државата. Рече дека не и е позната методологијата по која е правена анкетата.
- Неблагодарно е да коментирам туѓи ставови или научно истражување за кое немам доволно параметри, рече Јанкулоска.
Одговори и дека нема новости за двајцата бегалци по кои полицијата трага поради петкратното убиството кај Смиљковци.