Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска заедно со градоначалникот на Општина Крушево, Томе Христоски го отворија Центарот за ран детски развој “РАЗВИГОРЧЕ“ во населеното место Бучин кој ќе биде во состав на ЈОУДГ “Гонча Туфа“- Крушево.
Адаптацијата на просторот и опремувањето со соодветен мебел и материјал за работа е во целост извршено од страна на Министерството за труд и социјална политика во соработка со УНИЦЕФ. Во центарот за ран детски развој се предвидува да бидат згрижени околу 48 деца од три до шест годишна возраст, односно до поаѓање во основно училиште, оргнизирани во три хетерогени групи, со скратени програми од 2-3 часа дневно, без обезбедена храна за време на престојот.
Тренчевска заедно со градоначалникот ја истакнаа важноста од услугите во руралните средини и потребата од воспоставување на услови за грижа за децата. Според нив ова придонесува не само кон подобар развој на децата од руралните средини туку и кон повеќе слободно време за личен развој на родителите. Според министерката секогаш кога Министерството носи одлуки ги носи со цел повеќе придобивки од една мерка. Целта е што повеќе граѓани да бидат задоволни од мерките и политиките кои се креираат, а пред се од капиталните инвестиции.
Таа истакна дека работата на Владата на Република Северна Македонија е токму во насока на унапредување на квалитетот на живот на сите граѓани во државата.